Skip to main content

Ансамблот „Распеани валандовчани“ го оживеа духот на македонската песна

Синоќа, во преполната кино сала во Валандово, френетични аплаузи и искрени емоции, ансамблот „Распеани Валандовчани“ го промовираа новото винил издание, второ во својата 50-годишна историја.

Настанот, во организација на Општина Валандово и во соработка со ансамблот беше повеќе од промоција –  беше ретроспектива, концерт, почит кон корените и спомен на луѓето што оставија траен белег врз македонската музичка сцена. Настанот беше осмислен како наративно и визуелно патување низ историјата на ансамблот – од 1974 година, кога излезе нивната прва плоча, па сè до денес. Прикажани беа архивски фотографии, снимки и документи, и куси видео-сведоштва од првите учесници во снимањата, до сегашните соработници на ансамблот.

Ансамблот додели „Леонида“ – плакети за исклучителни заслуги во создавањето трајна вредност и издавање на ЛП плоча – „Распеани Валандовчани“, како благодарност кон македонските културни творци, заслужни за нивните две винил изданија.

Плакети се доделија на Јонче ХристовскиЛеонид Манчев и Костадин Костадиновски, заслужни за издавање на првиот винил во рамки на проектот на ТВ Скопје „Распеани Градови“.

За новото винил остварување запишано за дискографијата на „ПМГЏез“, ансамблот додели плакети на Петар Ризов, музички раководител на ансамблот, и на креативниот тим на проектот: Владан Дробицки, кој го реализираше снимањето, миксот и мастерингот на винилот и на Костадин Танчев-Динка за оригиналното и автентично уметничко дело – дизајн на обвивката на изданието.

Плакета му беше доделена и на градоначалникот на Општина Валандово, Перо Костадинов. И секако, со голема почест ансамблот додели плакета на иницијаторот на новиот винил запис – Мирко Попов.

„Му оддаваме почит и огромна благодарност на Мирко Попов, кој со својот индивидуален печат го обликуваше современото лице на македонската музичка сцена, како композитор, изведувач, музички продуцент и издавач, кој придонесе Скопје и земјава да бидат достоен центар на урбаната култура. Нашиот Мирко, по татко со потекло од Валандово, беше свесен за богатството на македонската музика зачувана во изведбата на „Распеани Валандовчани“. На негова иницијатива и огромна желба, стариот сјај на нашите песни одново оживеа — со освежени, но, аранжмани верни на изворот, како што тој ги замислуваше. Ја промовираме новата плоча на „Распеани Валандовчани“ симболично како негова желба за враќање кон корените на македонска музичка култура и нејзино зачувување за идните генерации. Затоа, Распеани Валандовчани му доделуваат плакета на Мирко Попов, за неговиот исклучителен придонес, силен ангажман и создавање трајни вредности, кои ќе останат како наследство на македонската култура и музика. Валандово секогаш ќе ти биде благодарно“, рече на промоцијата Зоран Стојчев, претседател на ансамблот.

Како дел од програмата ансамблот со настап во живо ги испеаја песните од новиот репертоар: „Малој моме цвеќе брало“, „Мори чупи костурчанки“ и „Настрана, настрана Нешо“. Публиката имаше можност да ги види и новите видео-записи за песните „Сношти дојдов од Стамбола“ и „Химната на Валандово“.

Изданието е достапно и во дигитална форма за бесплатно преземање преку платформата Bandcamp. (https://pmgjazz.bandcamp.com/album/raspeani-valandov-ani)

Носител и издавач на проектот е Здружението за развој на музика и култура „Крај Вардарот“, чија реализација ја раководеше Виолета Качакова. Проектот е поддржан од Општина Валандово.

Со овој настан, ансамблот „Распеани Валандовчани“ не само што прослави 52 години откако постојат, туку создаде и мост помеѓу генерациите – од старите снимки и корени, до современа продукција и дигитална достапност. Промоцијата беше доказ дека македонската народна песна, не е само минато, туку и иднина со која може да се гордеат и сегашните и идните генерации.

Фото: Кристијан Петков

Поврзани вести