Skip to main content

Културното лето во Ѓорче Петров продолжува: Бендови, ДЈ, забава за најмалите со улични артисти и анимирани филмови и за празничниот викенд

По одличното отворање минатиот викенд, годинешното Културно лето 2025 во општина Ѓорче Петров продолжува и за време на празничниот „продолжен“ викенд.

Така, на 28 август во четврток, на денот на големиот православен празник Голема Богородица со почеток во 20.00 часот во Централниот парк во Ѓорче во рамките на нивната турнеја низ регионот, свој целовечерен концерт ќе одржат гостите од Хрватска, групата „Адонаи“ и пријателите, чии членови изведуваат поп, рок и госпел музика.

Следниот ден, петок, 29 август, следува уште една музичка вечер, каде граѓаните ќе можат повторно да дојдат „На свирка во Ѓорче“. Од 20.00 часот атмосферата ќе ја загре најпознатата македонска ДЈ -ка, Вера „Генерал“ Јанковиќ која со своите ДЈ сетови ќе не потсети на најголемите светски хитови од 70-ите, 80-ите и 90-ите години. По неа, од 21.30 часот еден од најдобрите македонски клубски бендови „Деј Оф“ (Day Off) по одличниот настап на отворањето на културното лето, ќе го „репризира“ својот рок ен рол перформанс со изведба на избор од најпознатите светски, но и македонски рок ен рол класици и евергрин балади.

Претстојниот викенд од Културното лето во Ѓорче Петров во сабота, 30 август, е посветен на најмалите. Замислен како детски викенд, тој ден од 19.00 часот најмалите ќе ги забавувуваат со своите бравури и баскер магија уличните артисти. По нивниот перформанс, од 19.30 часот во реонскиот парк за децата следува филмската проекција во два дела на долгометражниот анимиран филм насловен „Авантурите на Биби и Боби – Волшебната шума“. Се’ на се’ и за празничниот викенд ( четврток, петок, сабота) Културното лето во Ѓорче Петров ќе понуди богата и разновидна програма и сполнета со многу забава за сите генерации.

Поврзани вести