
Утре, 19 декември во Младинскиот Културен Центар во Скопје, регионалниот музички феномен Буч Кесиди ќе го претстави својот нов студиски албум „ Модерни врски“ (Moderne veze) на самостоен концерт кој се одржува како дел од офф-програмата на годинашниот Таксират Фестивал. Со почеток во 20:00 часот, на сцената во Денсинг сала, бендот ќе ги донесе најголемите хитови од својата исклучително успешна кариера, со акцент на актуелниот албум кој од многу критичари е прогласен за издание на годината.
„Модерни врски“, третото издание на Буч Кесиди, е објавено на 4 април годинава, за издавачката куќа „ЛАА“. Ова е првото студиско издание на бендот по албумот „Еуфорија“ од 2019 година, благодарение на кој Буч Кесиди станаа најголемото младо регионално инди-рок име. Шест години подоцна, Лука и Зоран и понатаму сигурно ја држат таа позиција, дополнително зацврстена со десетте нови песни од актуелниот албум, а кои се создадени уште во 2022 година. Во една од првите рецензии на албумот, хрватскиот порталот Muzika.hr, под насловот „Десет нови хитови“, заклучува: „Модерни врски е врвен албум на врвен бенд во овој момент и едноставно треба да му се препуштиш и да уживаш – сè друго е бесмислено во овој миг“.
Буч Кесиди без сомнеж се најзначајното регионално музичко име во последните неколку години. Нивните концерти го обиколија целиот простор на поранешна Југославија, создадоа огромен хајп во регионот, бендот ги распродаде С.Ц. „Шалата“ во Загреб, белградскиот „Ташмајдан“, „Спенс“ во Нови Сад, одржаа рекордни седум последователни концерти во „Сакс“ во Загреб, а за следната година веќе е пред распродавање нивниот најголем концерт досега, во Арена Загреб.

Македонски






