Skip to main content

Пејковски: Филмот „Јон Вардар против Галаксијата“ е доказ дека и малите кинематографии можат да создадат големи приказни

Синоќа, во киното „Синема сити мол Софија“ едно од најреномираните кина во Софија, се одржа свечената гала премиера на првиот македонски долгометражен анимиран филм – „Јон Вардар против Галаксијата“. Овој проект, кој зад себе има девет години посветена работа и голема доза иновативност, е дело на Гоце Цветановски, кој е и режисер и сценарист на филмот. Тој лично присуствуваше на премиерата и беше поздравен со долг аплауз од страна на публиката, вели Зоран Пејковски, директор на македонскиот КИЦ во Софија.

Филмот, кој е научна фантастика со хумористичен пристап, веќе се етаблира на меѓународната сцена со четири престижни интернационални награди, добиени на филмски фестивали во Еквадор, Италија, Романија и Австралија. Овие признанија се потврда за оригиналноста и продукцискиот квалитет на проектот, кој претставува значаен чекор напред за македонската анимација и филмска индустрија воопшто.

Во фокусот на филмот е Јон Вардар, харизматичен, неконвенционален јунак кој се впушта во интергалактичка мисија полна со неочекувани пресврти, необични суштества, и силна доза на македонски хумор. Неговата авантура, иако сместена во далечна вселена, носи теми кои се блиски и актуелни: слободата, одговорноста, личната храброст, сето тоа претставено преку визуелно импресивна анимација и динамична нарација.

Публиката во Софија ја исполни салата до последно место и со голема заинтересираност го проследи филмот. Реакциите по проекцијата беа одушевувачки- гледачите ја пофалија уникатната стилистика, духовитите дијалози, како и храброста на авторот да создаде нешто што го надминува локалниот контекст и се позиционира како дело со меѓународен потенцијал.

Филмот „Јон Вардар против Галаксијата“ е доказ дека и малите кинематографии можат да создадат големи приказни. Тој претставува инспирација за новата генерација македонски уметници, а воедно е и потсетник дека анимацијата може да биде силен медиум за раскажување комплексни, значајни и забавни приказни.

Со премиерата во Софија, започнува ново поглавје во животот на овој анимиран јунак, кој, без сомнение, ќе продолжи да го освојува вниманието на публиката ширум светот.

Поврзани вести