Skip to main content

„Најдоброто од Киненова“ почна со проекција на „Исчезнатиот“ во чест на Владимир Самоиловски и српскиот „Помеѓу боговите“ на Вук Ршумовиќ, награден за најдобро сценарио и најдобра режија

„Најдоброто од Киненова“ почна синоќа со проекција на македонскиот филм „Исчезнатиот“ во режија на Арбен Тачи, а кинематографер е Владимир Самоиловски, кој е годинашен лауреат на наградата за особен придонес во филмската уметност на Фестивалот. По него беше прикажан српскиот филм „Помеѓу боговите“ на Вук Ршумовиќ, кој на јубилејното десетто издание на МФФ „Киненова“ доби награда за најдобро сценарио и најдобра режија.

Се радувам што за оваа програма имавме побарување од гледачите да ги прикажеме филмовите кои биле дел од програмата на Киненова во изминативе години и се потрудив да ги обезбедам правата за овие филмови кои до сабота ќе може секој ден да ги гледате во Кинотеката на Македонија. Особено ми е драго што имаме млада публика во салата која се надевам ќе ужива во проекциите на најдоброто од Киненова бидејќи во рамките на оваа ревија ќе прикажеме два филма кои биле победници на Киненова- тоа се „Чувари на формулата“ на Драган Бјелогрлиќ и „ПАНОПТУКОН“ на Георге Сикарулидзе, рече Небојша Јовановиќ, директорот на МФФ Киненова и посочи дека обезбеден е и дебитантскиот филм „Таква каква што сум“ од лауреатот на наградата за животно дело Даг Јохан Хаугеруд, како и австрискиот филм „Среќен“ на Сандеп Кумар.

Владимир Самоиловски присуствуваше вечерва на проекцијата и со задоволство сподели искуства од снимањето во разговорот со Гена Теодосиевска, уметнички директор на „Киненова“.

Зад себе има оставено над  120 играни филмови, документарни филмови, телевизиски емисии, портрети, а особено е познат во филмската фела дека е еден од ретките што знае како да им пријде и да им помогне на младите автори. Со овој филм му оддаваме уште еднаш почит за неговиот кинематограферски труд. Тајната што се чува мора да знаеш како да ја чуваш и кога да ја кажеш и дали да ја кажеш. Ние сите во своето постоење имаме идеја дека би сакале нашата личност да ја издвоиме од другите, но во исто време и тајните да ги затвориме во себе, а тие околу нас да не прифатат такви какви што сме. Не секогаш не прифаќаат такви какви што сме, но можеби најдоброто од нас знаат да го препознаат. Затоа и во овој филм се надевам дека ќе го препознаете од авторите, рече Гена Теодосиевска, уметнички директор на „Киненова“.

Самоиловски пред присутните сподели дека со режисерот Тачи работеле на еден филм во 2007 година на среднометражен филм „Зад темнината“ и потоа немале контакти се додека не го побарал за повторно да работат заедно на овој филм.

Мене лично мошне ми се допаѓа филмот. Досега има добиено четири награди и јас во Турција на еден фестивал добив награда за најдобар кинематографер. Сакам да работам на филм и сакам да им помагам на младите автори и се надевам дека ќе уживате во филмот вечерва, рече Самоиловски.

Поврзани вести