Skip to main content

„Лена и Владимир“ на Игор Алексов најдобар дебитантски филм, Сара Климоска ја освои наградата за најдобра женска улога, а Африм Мучај е прогласен за најдобар актер на Фестивалот на Југоисточна Европа

Македонскиот филм „Лена и Владимир“ во режија на Игор Алексов е добитник на наградата за најдобар дебитантски филм, додека Сара Климоска освои награда за најдобра женска улога, на Фестивалот на Југоисточна Европа 2025. Награда за најдобар актер доби и Африм Мучај од македонскиот филм „Сите го викаат Реџо“ – Ибрахи Деари, информираат попладнево организаторите.

Филмскиот фестивал на Југоисточна Европа, (SEE FF 2025), годинава го имаше своето 15. издание во Париз, 10. во Берлин, а по петтипат и во главниот град на САД, Вашингтон.

Американското жири во состав на Партисија Корбет, претседател, Џеклин Хедингтон, Роман Костовски, наградата за најдобар игран филм му ја додели на филмот „Мастергејм“ од Унгарија, што исто така ги понесе наградите за најдобра режија и најдобро сценарио – Барнабас Тот, какo и најдобар актер, Кароли Хајдук, појаснуваат организаторите.

За најдобра актерка била прогласена Јелена Џокиќ од хрватскиот филм „На сè има крај“, за најдобар документарен филм бил прогласен црногорскиот „Оваа добра земја“ од Владимир Перовиќ, додека пак наградата за најдобар анимиран филм – доделена на „ Кој“ – Мелве Јилдиран, Турција и на „Соба“ – Нела Глухак, Хрватска, а за најдобар краток филм – прогласен бугарскиот „13 август“ – Венцислав Сариев.

Европското жири на фестивалот, за Париз и Берлин, во состав Фроса Пејоска-Бушро, претседател, Фредерик Фапани фон Лотринген, Ив Русле, Мадалина Вартенжану-Жобер и Игор Станковиќ, наградата за најдобар филм исто така му ја додели на унгарскиот „Мастергејм“, што истовремено доби и награда за најдобра режија. Наградата за најдобар актер ја доби Африм Мучај од македонскиот филм „Сите го викаат Реџо“ – Ибрахи Деари, а за најдобра актерка – Шенгин Исмајили од косовскиот филм „Окарина“ и Сара Климоска од македонскиот филм „Лена и Владимир“ во режија на Игор Алексов, што исто така ја понесе и наградата за најдобар дебитантски филм. За најдобар анимиран филм беше прогласен бугарскиот „Градинарот напиреј“ – Асија Кованова, а најдобар краток филм, исто така „13 август“, додаваат организаторите.

Наградата за најдобар документарен филм му припаднала на српскиот „Сонувачки“ – Владимир Петровиќ и босанско-хрватската копродукција „Гранпа Гуру“ – Силвио Мирошниченко, а за најдобро сценарио, „На сè има крај“ – Хрватска, Србија.

Специјалното жири на „Академија Балканика Еуропеана“, под претседателство на Жан-Патрик Конрад ги додели следите награди: најдобар филм – „На сè има крај“ – Рајко Грлиќ – Хрватска, најдобра режија – Владимир Мича Поповиќ – „Прва класа, полн гас!“ – Србија, најдобар документарен филм – „Последниот ју-филмски роматик“, сценарио и режија Радослав Т. Станишиќ – Црна Гора и наградата за животно дело за документарен опус – Драган Елчиќ – Србија. Традиционалната награда „SEE actress 2025“ ја доби Аница Добра од Србија, а „SEE actor 2025“ – Руси Чанев од Бугарија, додека пак „Frédéric Rossif 2025“ му припадна на славниот француски документарист, Антоан Виткин, се додава во соопштението.

Оваа година за првпат била доделна наградата „Гран при за академска институција“, што ја понела Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија ИЗИИС, при УКИМ, Скопје, по повод 60-годишниот јубилеј, одбележан, се нагласува, со импресивна меѓународна презентација.

  • Наградата „SEE personality 2025“, ја доби градоначалникот на Конче, Златко Ристов за афирмација на трезорите на културното наследство на оваа македонска општина во Југоисточна Европа, истакнуваат организаторите.

Фестивалот традиционално се организира во соработка на универзитетите Еуропа Прима од Скопје, ИНАЛКО и Пантеон Асас од Париз, Хумболд од Берлин, Американ Јуниверсити од Вашингтон, како и издавачката куќа „Пламен прес“, исто така од Вашингтон. бд/аа/

Поврзани вести