
На 20 октомври, во 20 часот, Кинотеката на Македонија му оддава почит на Атанас – Ацо Петровски, еден од пионерите на македонската кинематографија и прв директор на Кинотеката. По повод 25 години од неговата смрт, ве покануваме на проекција на три негови документарни филма од 1950-тите, значајни сведоштва за традицијата, обичаите и духовниот живот на луѓето во Македонија.
„Велигденски обичаи“ (1954, 20 мин.) нè води во селото Грешница, во Порече, каде што ја следиме прославата на Велигден и народните адети поврзани со овој празник. Филмот е создаден со цел да се зачуваат богатите традиции како документ за проучување на културното наследство и битието на нашиот народ. Сценариото е на Вера Кличкова.
„Галичка свадба“ (1955, 18 мин.) го документира традиционалниот свадбен обред во Галичник, поврзан со празникот Петровден, додека „Дервиши“ (1955, 11 мин.) ги прикажува верските обреди на дервишите од редот Руфаи. Преку внимателно забележаните обичаи и ритуали, Петровски ја претвора камерата во сведок на еден свет чии детали се дел од нашето колективно паметење.
Овие филмови се многу повеќе од архивски снимки – тие се драгоцени визуелни документи за културната историја на Македонија.

Македонски

