
17 МАЈ (САБОТА) 20:00 ч.
ЈАДИЦАТА
(Córki dancing/The Lure)
Игран филм, Полска
2015, 104 мин., колор, ДЦП
Режија: Агњешка Смочинска (Agnieszka Smoczyńska)
Сценарио: Роберт Болесто (Robert Bolesto)
Улоги: Кинга Прејс, Михалина Олжанска, Марта Мазурек, Јакуб Гиершал (Kinga Preis, Michalina Olszańska, Marta Mazurek, Jakub Gierszał)
Приказната следи две сестри – сирени, Злата и Сребрена, кои излегуваат од морето и се приклучуваат на ноќен клуб во Варшава како пејачки и стриптизерки. Додека Сребрена се вљубува во човек и се соочува со трагични избори, Злата ја прифаќа својата предаторска природа.
ЈАДИЦАТА е храбро филмско деби на полската режисерка Агњешка Смочинска. Филмот е жанровски микс од хорор и мјузикл – пар сестри месојадни сирени се исфрлени на брегот во алтернативната Полска од 80-тите за да ги истражат чудата и искушенијата на животот на копно. Нивните привлечни песни и аура од другиот свет ги прават сензација преку ноќ и почнуваат да работат како пејачки во ноќните клубови во овој негламурозен и фантастичен свет, кој го креира Смочинска. Во ова брутално и фантастично видување на оригиналната приказна за Малата сирена на Ханс Кристијан Андерсен, една од сестрите се вљубува во човек. Почнуваат да се тестираат нивните сестрински врски а да се замаглуваат границите помеѓу љубовта и инстинките за преживување. Филмот е визуелно впечатлив, со хипнотички музички секвенци и смела кинематографија. Музиката, мешавина од диско, поп и кабаретски нумери, е заразна и ја засилува бизарната атмосфера.
Една од најсилните страни на филмот е начинот на кој Смочинска го балансира шармот на мјузиклот со суровоста на хоророт. Таа создава свет каде што гламурот на ноќниот живот и морбидната природа на сирените коегзистираат во непријатна, но фасцинантна хармонија. Актерските изведби, особено на двете сестри сирени, се полни со енергија и емоции. Кореографијата, сценските настапи на сирените како и подводните сцени носат етерична убавина што го засилува митскиот аспект на приказната.
ЈАДИЦАТА е сурова бајка за полнолетството со раскошни мрачни сетови и морничава атмосфера, каде се истражуваат темите на сексуалноста, експлоатацијата и растењето со енергија и оригиналност на млада режисерка, која допрва има што да покаже.
Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 150 денари