
Францускиот институт во Скопје синоќа организираше гала филмска вечер, со премиерата на филмот „Луда љубов” (2024), од Жил Лелуш. Настанот свечено го отвори Грегоар Жислер, директор на Францускиот институт во Скопје и советник за соработка и култура при Амбасадата на Франција.
На македонски јазик господинот Жислер ги поздави присутните им им посака убава вечер.
Гала филмската вечер со нетрпение ја очекуваат филмските ентузијасти и љубителите на филмската уметност. Францускиот институт во Скопје се радува што може да ви го овозможи најдоброто од современиот франуцски филм. Вечерва ќе имате можност да го погледнете филмот „Луда љубов“ во режија на Жил Лелуш, кој беше прикажан во официјална конкуренција на Канскиот филмски фестивал во 2024 година, рече Жислер.

Македонската режисерка Марија Апчевска се осврна на содржината и уметничката вредност на филмот и рече дека е големо задоволство да биде дел од претставувањето на филмот.
Како режисерка израснав со француската кинематографија како всушност и повеќето режисери од мојата генерација. Со нејзината слобода, иновативноста, искреноста и еден од најзначајните елементи на францускиоте филмови и традиција, за мене лично е начинот на кој пристапува кон ликовите- без осуда и со вистинско интересирање за нивната сложеност и природата на нивните избори. Таков е и филмот кој ќе го гледаме вечерва „Луда љубов“ на Жил Лелуш. Протагонистите во него Жаки и Клотер доаѓаат од два различни светови и нивната приказна не е воопшто иделизирана. Таа е бурна и жива. Но, филмот не инсистира на конфликтот меѓу нив, туку на прашањето што се случува кога различностите се доближуваат. Тоа за мене е најубавиот аспект на овој вид на приказни. Фокусот не нужно на големи настани, туку на малите моменти и гестови кои ги откриваат радостите, но и слабостите на ликовите. Таквиот хуманистички пристап, да се погледне човекот без предрасуди отсекогаш бил лекција што француското кино ја нудело на новите генерации автори и се надевам дека и вечерва ќе уживаме заедно во уште еден таков филм, рече Апчевска.
„Луда љубов”, на Жил Лелуш, со Адел Егзаркопулос, Франсоа Сивил и Малори Ванек во главните улоги, е моќна романса која ги следи Жаки и Клотер, двајца млади луѓе од Северна Франција во осумдесетите години, чии животни патишта се испреплетуваат во љубовна приказна што ги надминува сите пречки.

Македонски







