Skip to main content

Филозофски филмски фестивал организира средношколска видеолектира со проекција на филм и пишување на фил(м)ософски есеј

Филозофски филмски фестивал/ плакат

Годинава, во склоп на 15. Филозофски филмски фестивал, како дел од Едукативната програма по јубилеен десети пат ќе се одржи сегментот Средношколска видеолектира. Да потсетиме, таа вклучува проекција на филм којашто подоцна е придружена со пишување на фил(м)ософски есеј на предложена тема поврзана со филмот.

Овојпат, во соработка со нашите пријатели и повеќегодишни поддржувачи на Фестивалот, Шпанската амбасада во Скопје, учениците ќе можат да го погледнат филмот „Во длабокото“ (Mar Adentro, 2004), од режисерот Алехандро Аменабар (Alejandro Amenábar). Темата од конкурсот на која учениците ќе ги пишуваат своите есеи гласи: „Смртта како право, животот како должност: Што значи да се живее/умре достоинствено?“

Скопската проекција се одржа вчера во Културно информативен центар – Скопје со почеток во 17:30 часот. По завршувањето на филмот, стручниот соработник на ФФФ за овој дел од едукативната програма, м-р Виктор Јованоски, ќе даде краток вовед/поврзување на темата од конкурсот со филмот (видеото од воведот ќе биде достапно на нашите социјални канали). Освен во главниот град, проекции на филмот ќе има и уште во дваесеттина училишта низ целата земја. Подоцна, ученици што ќе побудат интерес, под менторство на наставниците, имаат рок до 4 мај за пишување и испраќање на своите (анонимни) есеи на следната адреса (svl@philosophicalfilmfestival.mk).

Есеите ќе ги оценува тричлена Стручна комисија а трите прворангирани есеи ќе добијат награди на специјален настан што ќе се одржи на 5 јуни на Филозофски факултет – Скопје. Наградите за учениците вклучуваат: три едногодишни стипендии од Internacionalen Univerzitet Europa PRIMA – Скопје, пригодни награди од Шпанската амбасада во Скопје, финансиски награди, комплети филозофска литература и списанија од издавачката куќа Аз-Буки и PHILOSOPHICAL SOCIETY of MACEDONIA, комплет ДВД-а со македонски филмови од Кинотеката на Македонија и сертификати за освоено место. Дополнително, текстот на победничкиот есеј ќе биде објавен во списанието „Филозофска трибина“.

Поврзани вести