
Колаж од кратки играни филмови на Алис Ги
Четвртиот ден од Фестивалот на нем и класичен филм 2026 година ве поканува на мултимедијалниот настан –
Колаж од кратки играни филмови на Алис Ги, Франција
1898-1907 година, 46 мин., црно-бел
Режија и сценарио: Алис Ги (Alice Guy)
Интересна и возбудлива можност за сите љубители на немиот филм е да се погледнат тринаесет кратки филмови на Алис Ги, една од првите и најзначајни фигури во историјата на кинематографијата и првата позната жена режисерка на играни филмови. Во периодот од 1898 до 1907 година таа создава дела каде се гледа нејзината иновативност и раниот развој на филмскиот јазик.
Алис Ги е авторката која му предложила на Леон Гомон (Léon Gaumont) да се создадат кратки филмски приказни кои би се засновале на однапред подготвени сценарија, со што значително би се придонело кон развојот на наративниот филм. Во време кога филмската индустрија била речиси целосно доминирана од мажи, нејзината можност да режира претставувала исклучителен историски преседан.
Како режисерка и сценаристка на продукциите на „Гомон“, таа до 1907 година експериментирала со различни филмски форми, техники и специјални ефекти, поставувајќи ги темелите на визуелното раскажување и отворајќи нови можности за развојот на кинематографијата.
Филмовите ќе бидат придружувани со музика во изведба на Андреј Татарчевски.
Андреј Татарчевски е музичар од Скопје кој зад себе има два самоиздадени соло албуми (Cycle 1 и Исечоци), како и еден албум со проектот Chautauqua, на кој се појавува во улога на изведувач и продуцент. Настапува соло, во дуото „Намуз“ и во различни неформални музички состави.
Неговиот настап ќе биде спој на електрична гитара и ефекти со подготвени звуци. Сликата ќе диктира во кој правец ќе се одвива музиката.

Македонски

