Skip to main content

Словенија в недела ќе гласа на четири референдуми

В недела во Словенија се одржуваат четири референдуми, три советодавни и еден законодавен, што ќе биде прв тест за десничарската влада на Јанез Јанша откако е формирана во јуни оваа година.

Граѓаните на Словенија на законодавен референдум ќе одлучат дали се за останување на сила на постојниот закон за парламентарна истрага или не, а за да биде отфрлен тој закон, најмалку една петтина од сите гласачи со право на глас мора да гласаат за него, што во моментов изнесува 339.706 гласачи, пренесе Бета.

Советодавните референдуми не се обврзувачки, а граѓаните ќе гласаат за или против откажување на претплатата на Радио и Телевизија на Словенија, за условување на социјалната помош со општествено корисна работа, како и за избирачкото право на граѓаните на трети земји на локалните избори.

Најголемо внимание беше посветено на законот за парламентарна истрага, во кој опозицијата гледа воведување на политичка полиција, како и на фактот дека неговото воведување би ги намалило минималните стандарди за демократија, права и слободи, објави Словенечката новинска агенција (СТА).

Властите сметаат дека новиот закон ја намалува можноста правните гаранции да станат средство за блокирање на парламентарниот надзор, додека на лицето кое е предмет на истрагата му се овозможува да покрене административен спор поради повреди што се случуваат за време на самата истрага.

Вниманието на јавноста е насочено и кон укинувањето на правото на глас за граѓаните на трети земји на локалните избори во Словенија. Тоа прашање е регулирано со закон од 2002 година, а сегашната влада, предводена од Словенечката демократска партија (СДС), ова лето усвои измени на законот со кои се одзема правото на глас на државјаните на трети земји на локалните избори. (МИА)

Поврзани вести