Skip to main content

Браќата Дарден, македонска ко-продукција и концерти вечерва на Синедејс

Со вечерашниот репертоар почнува официјалната натпреварувачка програма на 24 CINEDAYS. Во двете селекции, Официјална конкуренција и СЕЕ се натпреваруваат европски филмови и копродукции кои ја претставуваат флуидноста и непосредноста на можни соработки меѓу филмските работници.

Филмот ЕРА, во режија на Парта Келменди е првата македонска копродукција која ја гледаме на овогодинешниот фестивал, а е селектиран во СЕЕ програма.

За мене, копродукцијата на филмот ЕРА беше истовремено големо задоволство и значаен предизвик, бидејќи филмот навлегува во чувствителен историски период кој бара искрено, прецизно и автентично раскажување. Рекреирањето на деведесеттите во денешна Приштина беше комплексна задача, но под водство на режисерката и сценаристка Парта Келменди и со посветената работа на македонскиот тим – сценографот Кирил Спасовски, директорот на фотографија Наум Доксевски, монтажерот Михаил Димитров и целата останата креативна и техничка и екипа од Македонија и Косово – успеавме да создадеме филм на кој искрено се гордееме. Извонредните актерски интерпретации на Зана Бериша, Армен Смаили, Албан Укај, Мајлинда Косумовиќ и многу други, ја носат тежината и значењето на приказната со длабока свесност за нејзината културна важност. Соработката меѓу Косово и Македонија во филмската уметност секогаш доаѓа природно и лесно, благодарение на блиското разбирање на нашите култури. Верувам дека ЕРА е уште еден силен пример за тоа колку успешни и вредни дела произлегуваат од ова партнерство“ – вели Марија Димитрова, која е македонски копродуцент во оваа Косовско – македонска продукција.

Во клуб МКЦ од 20:30 часот е закажан Синедејс музичкиот блок, во кој публиката ќе има можност бесплатно да ги проследи концертите на музичките групи Stoinost (Бугарија), Elizabeta Bam (Хрватска), Ubili su batlera (Србија) и Sunblinds (Бугарија). Музичката програма на фестивалот е финансирана од програмата Лајвјуроп.

Во останатиот репертоар на вечерашниов 24. CINEDAYS ќе гледате:

Кратки филмови

17 часот – режија: Флака Коколи – 19 часот 25 Мај

Пријатни летни денови – режија: Невена Десивојевиќ – 19 часот 25 Мај

АМРА – режија: Васил Христов – 20 часот Кино Фросина

Состојба на умот – режија: Александра Кардалевска – 20 часот Кино Фросина

Официјална конкуренција

Кралот Кат – режија: Ури Маранц – 19:30 часот 25 Мај

Нашата прекрасна кланица за свињи – режија: Адам Мартинец – 21 часот Кинотека

СЕЕ

ЕРА – режија: Парта Келменди – 20:20 часот Кино Фросина

Месо – режија: Димитрис Накос – 19:00 часот Кинотека

ГАЛА
Млади мајки – режија: браќата Дарден – 22:00 часот Кино Фросина

Поврзани вести