
Проектот „Македонијо, во срце те носиме“ продолжува со силен патриотски порив да ги буди сеќавањата, љубовта и достоинството на македонскиот народ – овој пат преку изведбата на Андријана Јаневска на песната „Каде сте Македончиња“, композиција која одамна не е само музика, туку симбол на болка, надеж и национална свест.
Создадена од Бранко Ѓорѓиевски, оваа песна ја понесе титулата „химна на децата-бегалци“, посветена на македонските деца кои беа протерани од своите домови за време на воените судири во Егејска Македонија. Силата на нејзината порака е безвременска – повик кон правдата, меморија за изгубеното детство и копнеж по родната грутка.
Првпат е изведена во 1987 година, на сцената на Фолк Фест Валандово, од страна на Александар Сарев, чие интерпретативно мајсторство го остави отпечатокот на оваа композиција во срцата на илјадници. Авторот во една прилика рекол дека Сарев бил совршениот избор – емотивен, народен, автентичен.
Во новото аранжманско руво, со допирот на маестро Николче Мицевски, песната добива нова димензија, но ја задржува својата емоционална длабочина и историска тежина.

„Македонијо во срце те носиме“ проект работен под уметничката закрила на Скендеровски продукција, е повеќе од музички циклус – тој е културна мисија, патриотски повик и жива врска со корените. Со длабока почит кон нашето музичко наследство, досега беа преработени безвременските песни: „Не кажувај либе добра ноќ” (Огнен Здравковски), „Како пиреј” (Ламбе Алабаковски), „Се собрале комитите” (Миле Кузмановски), „Како што е таа чаша” (Спасен Силјаноски) „Ја излези стара мајко”(Марија Спасовска), „По друм одам мајче“ (Мина Блажев), „Горда Македонка“ (Зуица Лазова), „Запејте сите ангели“ (Бојана Скендеровски), „Нека живеј Македонија (Сузана Спасовска) и „Мајко силна“ (Александар Тарабунов).
Со секоја нота, проектот „Македонијо, во срце те носиме“ го слави македонскиот идентитет, го брани македонскиот глас и ја пренесува љубовта кон татковината. Во време кога светот се менува, музиката останува сведоштво и светилник на нашата историја, култура и непокор, затоа да ја обоиме Македонија во најубавите бои и заедно да уживаме во „Каде сте Македончиња“ и гласот на Андријана Јаневска: