
Златната виза за Дубаи на Венко Филипче стана секојдневна тема која привлекува дел од нашето внимание, независно од важноста и значењето на останатите теми кои што ја преокупираат македонската јавност. Да се работеше за некој богаташ со сомнително стекнат капитал, криминалец, пробисвет или можеби некој селебрити, тогаш темава ќе се третираше во рубриките од типот занимливости, естрада или некоја друга забавна рубрика која што има за задача да не релаксира и забави.
Во случајов зборуваме за Венко Филипче, претседател на СДСМ и поранешен министер за здравство во владите на Заев и Ковачевски. Зборуваме за човек кој извршуваше врвни функции во македонската влада и човек кој што во моментов ја предводи најголемата опозициска партија во Македонија, СДСМ. Зборуваме за човек кој согласно поставеноста на македонскиот политички систем, извршува сериозна и одговорна функција. Неговата позиција е исклучително сериозна, независно од тоа што тој самиот и СДСМ како партија се во длабока опозиција и со исклучително ниска поддршка од граѓаните. На крајот од денот, зборуваме за човек кој се бори за власт и кој претендира еден ден да стане прв човек во државата.
Токму затоа е важна оваа тема. Токму затоа е важно темава да се истера до крај и да се добијат одговорите на сите прашања кои што се наметнаа во јавноста.
До сега, сериозни и веродостојни одговори нема!
Ако претходно прашањето за златната виза можеше да се сведе во зоната на шпекулации, недокажани вести или тенденциозни меѓупартиски обвинувања, со признанието на Венко Филипче дека поседува таква виза сите шпекулативни елементи се отстранети и останува само фактот дека тој поседува златна виза за Дубаи. Со неговото признание се потврдуваат сите претходни тврдења во јавноста за постоењето на еден ваков документ. Ова признание наметнува заклучоци дека шепотењата и тврдењата за мотивите и исполнувањето на условите за подобност за добивање на златна виза имаат висок степен на веродостојност.
Интересен е моментот што Филипче самиот ја иницираше темава и се обиде да одговори на наместено прашање. Уште поинтересен е моментот на контрадикторност во кој Венко Филипче, првин експлицитно рече дека поседува златна виза, за потоа, образложувајќи ги причините и заслугите поради која ја добил, рече дека процесите се запрени и ставени во мирување. Односно, Венко Филипче ја информираше јавноста дека влегол во преговори за професионален ангажман како лекар, но сето тоа се изјаловило и било ставено во мирување. Како може една сериозна држава како што е ОАЕ, држава во која циркулираат милијарди и милијарди долари да издаде златна виза на човек кој тргнал во некаков процес на преговори за работен ангажман, паралелно во процес на апликација за потребната документација (златна виза), при што визата ја добил, а работата не?
Тешко е да се поверува дека Филипче ја добил визата само „на црни очи“ без да добие работен ангажман во Дубаи (ОАЕ) и без да влезе како некаков инвеститор во таа држава.
Тврдењето на Филипче има две сериозни пораки. Едната е дека Обединетите арапски емирати се несериозна држава и издаваат златни визи на луѓе кои влегле по принципот „само да прашам“. Втората порака е дека Филипче не ја кажува целата вистина и дека сепак постои сериозна причина поради која тој ја добил златната виза.
Што е потребно за да добиете златна виза за Дубаи?
За да добиете златна виза за Дубаи (ОАЕ), потребно е да исполнувате одредени критериуми во зависност од категоријата за која аплицирате. Оваа виза нуди долгорочна резиденција од 5 или 10 години и е наменета за инвеститори, претприемачи, квалификувани професионалци, извршни директори, талентирани студенти и други категории. Минималната инвестиција изнесува некаде над петстотини илјади американски долари, кои претворени во нивната валута изнесуваат околу два милиони AED. Инвестицијата не смее да биде финансирана со заем и треба да биде целосно во сопственост на инвеститорот. Златна виза може да се добие и со купување на недвижности во вредност од најмалку 2 милиони AED во слободни зони.
Ако ова се некои од условите поради кои Филипче ја добил визата, сосема се легитимни прашањата кои интензивно се поставуваат во македонската јавност за неговиот евентуален скриен финасиски ангажман во Дубаи. Тој лично треба да даде одговор на сето ова затоа што се работи за лични прашања. Добивањето на виза не е партиско прашање на СДСМ која како партија е регистрирана во регистарот на политички партии во Македонија и како таква претставува составен дел од македонскиот политички систем. Оваа партија не е приватна сопственост ниту на Заев, ниту на Ковачевски, а нема да биде ниту на Филипче за да истите се кријат зад неа и лиферуваат партиски соопштенија во одбрана на личните аспекти на поранешните или актуелните претседатели.
Од тие причини зачудувачки се обидите и авантурите на СДСМ да пушта соопштенија во јавноста за прашања за кои веројатно и тие самите не ги знаат одговорите. Зарем некој очекува Филипче да го информирал Извршниот или Централниот одбор на СДСМ во врска со причините и заслугите поради кои ја добил златната виза, па сега оваа партија врз база на дискусии и официјални записници споделува информација во јавноста и тврди дека не постојат финансиски причини за добивање на златната виза на нивниот претседател.
Ваквиот пристап на однесување кон јавноста е крајно неетички, неморален, противзаконски и против начелата на демократската поставеност и функционирањето на институциите, вклучително и на политичките партии. Овој пристап е во спротивност со европските стандарди и насоки кои постојано ги добиваме, а кои што насоки и укажувања СДСМ постојано ги потенцира во времињата кога се во опозиција.
Ако Филипче имал за цел да се реализира како лекар, како професионалец и експерт во својата област, која што експертиза никој не му ја спори и доведува во прашање, тогаш тој морал да биде свесен дека ќе креира голема доза на сомневање која што ќе биде доведена во контекст со неговиот политички ангажман, лидерство во СДСМ и поврзана со личната блискост со Зоран Заев. Овој вториов воопшто не ги крие своите релации со Дубаи. Филипче требал да биде свесен дека едното со другото не одат и дека требал да одбере меѓу лидерството во СДСМ, партијата која се залага за членство во ЕУ и партија која во својот владејачки мандат ги даде сите можни отстапки кои можеа да бидат дадени, и печалбата во арапските земји кои се сосема друг свет и друг стандард.
Тука не се мисли само на стандарди како што се културата на живеење и однесување, туку се мисли на системот на европските правни стандарди и вредности кои важат кај нас, а кои што во арапскиот свет имаат сосема поинаков третман. Тука зборуваме за системот на правни акти, почитувањето на човековите права, особено почитувањето на правата на жената кои во Европа и Арапскиот свет имаат малку поинаква димензија.
Не велиме дека не треба да се бараат други пазари на труд или можности за инвестирање, но истите треба да бидат јасно образложени пред македонската јавност, особено од оние луѓе кои во моментот извршуваат високи и одговорни функции во рамки на политичкиот систем на државата. Секој ангажман на врвните политичари треба да има морална поткрепа и да бидат ослободени од фиктивните и лажни наративи. Неприфатливо е да еден партиски лидер, од една страна, да нѐ насочува кон ЕУ, меѓудругото и како резултат на постојаните отстапки кои што ги овозможил, а од друга страна сопствениот капитал (без разлика дали е стекнат со труд, учење, специјализирање или како награда за споменатите отстапки) да го пласира во земји кои што не се членки на ЕУ и не подлежат на стриктните и во најголема мера усогласени норми со македонската држава.
По признанието на Филипче дека поседува златна виза за Дубаи, сите негови изјави кои што ги слушамевме во Скопје и Брисел за потребата од полноправно членство на Македонија во ЕУ, стануваат крајно лицемерни. Во исто време, сите негови укажувања за потребата од нови отстапки, уставни измени и слични исполнувања на некопенхашки критериуми за членство во ЕУ, стануваат крајно сомнителни.
Граѓаните треба со голема доза на сериозност да го следат ова прашање и да инсистираат на одговорите кои што им ги должи лично Филипче во однос на темава. Приказната со неговиот личен пријател, Заев, веќе е сосема очигледна и во никој случај не смее да се дозволат нови нејаснотии кои ќе му овозможат на уште еден претседател на СДСМ да стане долгогодишен резидент на Дубаи со капитал стекнат на сомнителен начин.