
Борбата против криминалот во Македонија веќе подолг период е една од најкоментираните теми во јавниот дискурс. Иако државата има институции со јасно дефинирани надлежности, како што се полицијата, јавни обвинителства, судови, државни инспекторати и регулатори, сè уште постои широко чувство дека системот не функционира со потребната ефикасност, независност и интегритет. Граѓаните често имаат впечаток дека различни форми на корупција и организиран криминал се толку длабоко вкоренети што стануваат дел од секојдневниот живот.
Овој текст има за цел да ги анализира слабостите во системот, како и улогата и придонесот на Јавното обвинителство и неговиот шеф, Љубомир Коцевски, за создавањето на таквата перцепција кај граѓаните. Колумната има за цел да ги анализира и политичките ставови на Владата и ВМРО–ДПМНЕ, како носител на владината коалиција. Текстот не би дал комплетна слика доколку не се анализира и ставот на СДСМ, како најголема опозициска партија во моментот и партија во чие што владеење е воспоставен ваквиот систем и кадровска поставеност во една од најистурените институции за борба против криминалот, Јавното обвинителство.
Проблемот со криминалот и корупцијата не може да се објасни преку една институција или една политичка партија. Тој е системски, се градел со години и децении. Постојат повеќе слабости од кои би потенцирале неколку како најдоминантни и највпечатливи.
Првата слабост за која највеќе се дебатира во јавноста е недоволната независност на институциите. Иако формално постојат механизми за автономија, праксата често покажува дека институциите се чувствителни на политички и финансиски притисоци и влијанија. Многу процеси се блокираат поради неформални, најчесто невидливи за јавноста влијанија, што создава чувство дека не сите се еднакви пред законот.
Постоењето на недоверба, некоординираност и неусогласеност меѓу институциите е втората слабост. Понекогаш полицијата се жали дека обвинителствата не постапуваат доволно брзо или доволно храбро. Од друга страна, обвинителите често тврдат дека добиваат лошо документирани предмети. Судовите, пак, дополнително ја комплицираат сликата со бавни постапки и неусогласени судски практики.
Третата слабост е поларизацијата на политичката клима која е неизбежно присутна во однос на прашањето за борбата против криминалот. Во земја во која политичките конфликти често го засенуваат јавниот интерес, борбата против криминалот лесно се претвора во алатка за политичко позиционирање и напад врз противникот. Наместо обединет фронт против криминалот, добиваме меѓусебни обвинувања, а институциите остануваат без стабилна и усогласена поддршка.
Тука доаѓаме до улогата на клучните институции кои се задолжени за управување со процесите на борба против криминалот. Тие институции имаат свои шефови , со име и презиме, луѓе во кои е сконцентрирана најголемата власт која што ја делегира системот врз база на волјата на граѓаните изразена некогаш и негде на некои од мноштвото избори спроведени во државата.
Доаѓаме до улогата на Љубомир Коцевски, лично, човекот кој ја има сета власт и сите алатки на системот во свои раце за да води силна и неселективна борба против криминалот. А дали тоа е така? Дали перцепцијата кај граѓаните и останатите засегнати субјекти е позитивна во однос на Коцевски и неговата работа? Дали резултатите кои што ги испорачува се видливи, транспарентни и создаваат впечаток и чувство на сигурност?
Ако судиме според перцепцијата, одговорот е, НЕ!
Во борба против криминалот, перцепцијата е скоро исто толку важна колку и самите резултати. Кога обвинителството не објаснува доволно што прави и каде се наоѓаат одредени предмети, тоа ја потхранува недовербата. Тука Коцевски може да направи многу повеќе, но не прави ништо!
Како јавен обвинител, Љубомир Коцевски има значајна улога во водењето истраги и во процесирањето предмети поврзани со корупција и криминал, како и други тешки кривични дела. Во јавноста често се отвора дискусија за тоа дали обвинителството под негово раководство постапува доволно брзо, доволно цврсто и доволно независно. Самото дискусија во однос на ова прашање е индикативна и говори за тоа дека тука нешто не штима.
Исто така, една од најчестите критики е дека обвинителството е бавно во обработката на предметите од висок профил. Иако дел од тоа може да се должи на сложеноста на истрагите, јавноста очекува поголема транспарентност.
Од различни политички центри и медиуми често се упатуваат обвинувања дека некои предмети добиваат приоритет, додека други се одолговлекуваат. Самиот факт што тие се појавуваат укажува на недостаток на доверба, нешто кое што обвинителството мора да го реши.
Тука доаѓаме до моментот на одговорност и отчетност на оваа позиција, конкретно на актуелниот Јавен обвинител, Коцевски. Сведоци сме дека активностите преземени од негова страна се недоволни, реактивни без иницијативност во однос на случаите за кои постојано слушаме во јавноста. Институтот допрен глас, за Коцевски како да не постои. Ова особено се однесува на изнесените сомнежи и обвинувања кои се однесуваат на случаите поврзани со високи функционери од минатата власт. Се стекнува впечаток дека Коцевски служи како стаклено ѕвоно под кое се заштитени сите поранешни функционери за кои народот веќе го кажа сопствениот суд на претходните два изборни циклуса во 2024 и 2025 година.
Овој податок фрла сенка врз независноста на позицијата Јавен обвинител. Тој несомнено треба да биде самостоен и независен во својата работа, ослободен од политички влијанија, особено оние од актуелната власт. Но, тоа не значи дека тој треба да остане под стегите и влијанието на претходната власт, за која, како што рековме, народот веќе донесе конечна и извршна пресуда на демократски избори.
Селективниот и неактивен пристап во работењето на Коцевски ги оправдува критиките и иницијативите за негова смена од страна на владејачката коалиција. Тоа е коалиција која има огромен легитимитет од речиси две третини од гласачкото тело изразено во пратенички мандати. Надвор од здравиот разум е Коцевски, како должник на минатата власт, која во моментов има занемарлива поддршка во електоратот, да ги кочи процесите и да биде факторот кој создава негативна слика за целокупниот правосуден систем во Македонија.
Несфатливо е еден функционер, како што е Коцевски, за кој била изгласана интерпелација со огромно мнозинство во Собранието, институција која што го врши неговиот избор, да не чувствува одговорност и да си поднесе оставка после таквиот вид на импичмент.
Тука се поставува сериозно прашање во однос на поставеноста и функционирањето на целокупниот политички систем во државата. Кој е заштитниот механизам кој што го имаат системот и државата за ваквите случаи? Пред кого треба да поднесе отчет и одговорност еден функционер, ако не пред институцијата и оние кои го избрале?!
Однесувањето на Коцевски е класично самоволие, искористување на слабостите на системот и егземплар на политичка поврзаност и влијание врз оваа институција. Влијание, овој пат не од актуелната, туку од минатата власт. Впрочем, зошто СДСМ во ниту еден момент не упати критика кон Коцевски заради неговата пасивност?
Логиката вели дека опозицијата постојано треба да бара пукнатини и недоследности во работењето на власта. Сите сомнежи за евентуални прекршувања на законите треба да ги адресира до Јавниот обвинител и да го повикува на акција. До сега, колку што можеме да се сетиме, СДСМ ниту еднаш не упати критика до Коцевски, поради неспроведување на било каква активност во однос на било каков случај од негова страна. Тоа е доволна индикација која ни говори дека Коцевски и СДСМ се еден организам, дека јавниот обвинител е инфициран со партиски вирус, а Јавното обвинителство е под политичко влијание.
Поради тие причини, актуелната влада има огромна одговорност пред граѓаните. Таа од нив го црпе огромниот легитимитет и доверба кои во моментов ги има. Граѓаните немаат друг начин, освен на демократски избори, да го кажат сопственото мислење во однос на состојбите во државата. За жал, таквите избори се можни само за централната и локалната власт. Да требаше да оди Коцевски на избори, одамна ќе беше сменет!
Решение за ваквите слабости во системот мора да се најде, а мандатот за наоѓање на таквото решение е веќе даден, со огромно мнозинство!

Македонски







