Skip to main content

Пожарите како арена за политичка пресметка

Пожарите што неодамна избија во Дрисла и Трубарево се сериозен аларм, не само за институциите на државата, туку и за целата јавност и граѓаните кои се директно погодени од нивните последици. Освен што предизвикаа одредени материјални штети и огромни еколошки проблеми, тие ги ставија во состојба на целосна готовност сите капацитетите на институциите и ги мобилизираа надлежните министерства на највисоко ниво, со цел ефикасно справување со проблемот. Јавноста беше сведок на брзи интервенции кои ги ставија под контрола пожарите, но истовремено се отворија прашања за причините, причинителите и можните предизвикувачи на пожарите.

Ако за време на летните горештини „вината“ за бројните шумски пожари секогаш можеше да се бара и лоцира во сушата и високите температури, овој пат состојбата е поинаква. Пожарите во Дрисла и Трубарево дефинитивно налагаат поинаков пристап во третманот на оваа континуирана појава која што се случува во Македонија.  Овие настани отворија дискусија за причините за пожарите, улогата на институциите, и можните мотиви кои се поврзуваат дури и со политичката и безбедносната ситуација во земјата.

Впрочем, малку е за верување дека ваков тип на пожари можат да се нижат како на филмска лента без притоа да постои центар на моќ кој управува со нивното предизвикување. Дали се работи за политички, бизнис или криминален центар на моќ, тоа треба да се покаже во истрагата. Но, дефинитивно секое здраворазумско размислување води кон заклучок дека ваков тип на пожари не можат да бидат случајни, особено не во таков континуитет како што тоа се случува оваа година во Македонија. Отпадот во Трубарево не е првиот отпад кој „случајно“ се запали. Слични пожари со огромни облаци од црн чад ова лето имаше и во Визбегово и во Куманово. Тоа до сега се нема случено, особено не во низа на ваков начин.

Владината перспектива: Одговорност и одлучност

Позитивен момент кој што охрабрува и влева доверба е тоа што Премиерот Мицкоски заедно со ресорните министри од Владата реагираа промптно, преземајќи ги сите потребни мерки. Беа итно организирани оперативни тимови и беше активирана координацијата меѓу општинските и државните служби, со што се демонстрираше институционална одговорност. Овие акции беа поддржани и со јавно објаснување на стратешките мерки за начините за справување со пожарите во Дрисла и Вардариште. Сѐ се одвиваше транспарентно, јавно и отчетно, кое што не може да се каже дека беше карактеристика на претходната власт при пожарите во модуларната болница и автобуските несреќи.

Особено важен момент е тоа што Мицкоски јасно ја изрази својата решителност за целосно расветлување на настаните. Веќе е крајно време на ова прашање да му се пристапи систематски, затоа што повеќе од очигледно е дека се работи за систематски напад врз државата кој трае во континуитет. Повеќе е недопустливо човечките и материјално-техничките ресурси да се трошат само реактивно во бркотница со подметнувачите. Неопходни се превентивни мерки и законско прилагодување во кое ќе бидат вметнати строги санкции за сите оние кои се поврзани со загадувањето и предизвикувањето пожари. Впрочем, тоа го најави Мицкоски и истото треба да се случи час поскоро без да се губи ниту еден ден повеќе.

Хибридниот напад како концепт

Тезата за хибриден напад станува се почеста во јавната дебата кога се соочуваме со комплексни кризи. Хибридните напади комбинираат директни и индиректни методи за дестабилизација, вклучувајќи сајбер напади, дезинформации и создавање на локални кризи, како што е примерот со пожарите. Поставувајќи се на овој начин, Владата директно ги предупредува граѓаните и институциите дека не сите инциденти се случајни, и дека постојат глобални и регионални примери кои покажуваат како локални инциденти можат да бидат дел од поширока стратегија.

Истражувањата покажуваат дека во регионот слични сценарија се користеле за влијание врз изборни процеси, јавната перцепција и формирање на јавното мислење. Од тие причини, Премиерот Мицкоски и Владата се сосема свесни и јасно посочуваат дека препознавањето на потенцијални хибридни активности не значи обвинување, туку подготвеност за превенција и одбрана од таквите напади.

Пожарите како безбедносен ризик пред локалните избори

Случајното или намерното појавување на пожарите пред локалните избори, отвори дискусија за влијанието на кризите врз политичката сцена. Пожарите можат да се користат за нарушување на довербата во институциите и создавање негативна перцепција за владата пред гласачите. Затоа, правилната и навремена реакција, како што беше демонстрирано од Македонската Влада, е клучна за стабилноста на изборниот процес. Во исто време, безбедносните експерти истакнуваат дека во вакви ситуации е потребно да се обезбеди интегрирана координација меѓу општинските служби, државните агенции и јавноста. Секоја слабост може да биде политички инструментализирана, што ја прави задачата на институциите уште потешка и поважна.

Опозициската критика: Политички мотивирани напади

Тука некаде може да се лоцира улогата и интересот на СДСМ и ДУИ. Овие две партии, како опозиција и „како до сега“, ја користат кризата за да ја критикуваат владината активност. Според нив, Владата не обезбедила доволна превенција и не ја покажала потребната ефикасност. Венко Филипче и портпаролите на СДСМ постојано повторуваат дека концептот на „хибриден напад“ е неосновано алиби за слабостите на институциите. Иако ваквите критики ја поттикнуваат јавната дебата, тие истовремено создаваат ризик од политизација на сериозни безбедносни и еколошки прашања. Отворањето на ваквите прашања секако дека е во интерес на опозицискиот блок, и тоа е сосема нормално. Но, она што е ненормално, е заклучокот кој што се наметнува дека пожарите и кризите, кои се причината за отворање на безбедносните и еколошките прашања, се од политички интерес на СДСМ и ДУИ. Тоа не може да биде нормално во една цивилизирана и демократска земја.

Ако направиме анализа на јавните реакции, таа јасно ќе покаже дека опозицијата се обидува да го премести фокусот од фактичките детали на пожарите кон политички аргументи. Пожарите и последиците имаат третостепено значење за опозицијата, која својот примарен фокус го става врз сопствениот политички бенефит од предизвиканата состојба. Важно е да се поентира политички, па дури и по цена да гори насекаде во Македонија. Затоа, ваквиот пристап на опозицијата особено ја потенцира важноста од потребата на темелна истрага, која што треба да биде спроведена и која што треба да го смири јавниот дискурс со точни и проверени информации.

Можните предизвикувачи и нарачатели

Министерот Тошковски најави дека истрагата ќе оди „најдлабоко што може“, што отвора простор за разгледување на различни хипотези. Можни се сценарија кои вклучуваат локални групи со економски интереси, криминални структури или дури интервенции на странски актери со цел политичко влијание. Ова се теоретски можности и секое обвинување мора да биде базирано на докази, но предупредувањето на Владата служи како сигнал за сериозноста на истрагата. Со ова Владата покажува дека не само што ја зема сериозно кризата, туку и ја става институционалната одговорност на прво место.

Во целиов овој случај, медиумите имаат критична улога во обликувањето на јавниот дискурс. Тие можат да ја засилат владината порака за решителност или, пак, да ја потенцираат опозициската критика. Опасноста од дезинформации и сензационализам е значајна, особено кога станува збор за безбедносни и еколошки кризи. Јавноста мора да се информира преку проверени извори и со јасно разграничување на факти од теории. Прес-конференциите, извештаите на институциите и медиумските анализи создаваат комплексна слика. Тоа од една страна може да ја одразува реалната состојба, но од друга страна претставува сериозна борба за креирање на јавното мислење и политичките толкувања. Разбирањето на медиумската улога помага во правилна перцепција на сериозноста на пожарите и нивното влијание врз општеството.

Пожарите во Дрисла и Трубарево претставуваат повеќе од еколошка или локална криза. Тие се тест за институционалната моќ, јавната доверба и националната координација. Владата со своите мерки покажа подготвеност и решителност, истовремено предупредувајќи на можни хибридни закани. Оваа ситуација ја потенцира важноста од потребата за единството, сериозното известување и професионалниот пристап кон решавањето на кризни состојби. Само преку ефикасни институции, транспарентност и внимателна анализа на сите можни фактори, Македонија може да се справи со предизвиците од вакви настани и да ја зацврсти својата безбедносна и политичка стабилност. Пожарите се повик за национално единство, институционална зрелост и долгорочно планирање на безбедносните и еколошките политики, но и за дефинитивно погледнување на вистината во очи и детектирање на вистинските причини и причинители.

Поврзани вести