
Главните ѕвезди од САД на годинешната CPAC конференција во Будимпешта беа Бен Шапиро и Мајкл Ноулс (двајцата од медиумската куќа Дејли Вајр), Дејв Рубин и Џек Пособиец – кој во Будимпешта дојде од поновата слична конференција во Варшава. Сите четворица беа на горе-долу иста линија во своите настапи – рекоа дека Европа има страшен проблем со демографската трансформација, како и со веќе неподносливото кршење на правата на сопствените граѓани кои повремено ќе напишат нешто на Фејсбук за таа трансформација и напливот на мигранти. Сите четворица се силни поддржувачи на Трамп и ги повикаа собраните европски десничарски лидери да соработуваат со новата американска администрација, и да го следат водството на премиерот Орбан во Европа.
20-ина дена подоцна, тиквата меѓу нив пукна. Израел го нападна Иран, Иранците вратија, Трамп најави дека ќе интервенира во конфликтот и МАГА коалицијата на Трамп се подели. Четворицата американски гости во Будимпешта, кои во своите настапи на крајот на мај имаа безмалку идентични ставови по клучните прашања, веќе во средината на јуни беа жолчни противници. Шапиро е најпознатиот десничарски коментатор – Евреин во САД, близок до Нетанијаху и редовно е на став дека Америка мора со цврста рака да раководи со својата империја. Секако Шапиро беше првиот кој изрази целосна поддршка на Израел и побара американска интервенција на израелска страна. Рубин (геј Евреин) и особено Ноулс (католик) не се до толку познати како надворешно-политички-безбедносни коментатори, но двајцата изразија поддршка за војната. Од друга страна, Пособиец (католик со полско потекло), веднаш се изјасни против американска вмешаност во војната, и предупреди дека ако Трамп интервенира на страната на Израел тоа ќе биде катастрофална грешка во очите на неговите поддржувачи. Едно од ветувањата на МАГА коалицијата беше дека САД ќе престанат да почнуваат војни низ светот или да интервенираат во веќе постоечки конфликти – ова особено се однесуваше на Украина. Според Пособиец, вмешувањето на САД во нова војна на Блискиот Исток ќе значи предавство за паролата „Америка Прва“ – прво да ги решиме своите проблеми дома и да престанеме да трошиме трилиони на војни, па потоа ќе видиме што ќе правиме со светот.
Навистина беше неверојатно како коалицијата на Трамп успеа да се подели толку драматично. Видовме луѓе кои до вчера делеа иста бина со идентични позиции, одеднаш да станат лути непријатели по едно суштински важно прашање. Републиканската партија е чудна ѕверка – под претседателот Буш американската десница ја водеше војната против тероризмот, ги окупираше Ирак и Авганистан и вршеше безбедносни операции во десетици други држави, додека левицата остро протестираше против „Бушхитлерот“. Но, катастрофалните резултати од овие војни изгледа како неповратно да ја скршија волјата на американската десница за војна. Не случајно слоганот на десницата е „Америка Прва“. Во меѓувреме, некогашните пацифисти од американската левица кои протестираа против војните на Буш стана далеку по-крволочни од десницата. Во мандатот на Обама, тие целосно ги запоседнаа разузнавачките и безбедносните организации. Наместо да објавуваат војни низ светот, левичарите почнуваа обоени револуции, за потоа дискретно да се тргнат на страна и да се прават на Тошо кога револуциите што тие ги испровоцираа ќе се претвореа во граѓански и вистински војни (од Либија и Сирија до Украина). Притоа, левицата во САД веќе во голема мерка се потпира на гласовите на доселениците, кои се исклучително чувствителни на ужасните сцени од Газа. Па така, левицата е апсолутно за продолжување на војната во Украина – се убедија дека Путин е виновен што нивната кандидатка Хилари Клинтон ги загуби изборите во 2016та година, и сега му се одмаздуваат – но левичарското гласачко тело многу потешко ги сварува војните на Блискиот Исток. Неспособноста на Бајден да стави крај на израелското бомбардирање на Газа (кое се врши со американски бомби) беше една од главните причини поради кои демократите ги загубија изборите и Трамп стана претседател. Младото гласачко тело на демократите, пред се студентите и мигрантите, се најдоа во отворена војна со постарите етаблирани партиски кругови – кои во добра мерка се составени од либерални Евреи, што значи дека прво левата коалиција се подели по прашањето на Израел и Газа и ги доведе до изборна катастрофа во 2024та година.
Дали сега на истата блискоисточна тема ќе видиме поделба и во Републиканската партија? Дали десницата може да преживее ситуација во која претседателот директно се конфронтира со најпопуларниот десен новинар – Такер Карлсон? Дали Трамп може да остане во конфликт со својот политички гуру Стив Бенон, како и со плејадата млади подкастери кои многу придонесоа за победата на Трамп? Од друга страна, во партијата се уште има неоконзервативни политичари преостанати од времето на Буш, големо мнозинство од републиканците во Конгресот силно го поддржуваат Израел, а и постарото гласачко тело кое е врзано за телевизијата Фокс и радио водителите како Марк Левин, е на израелска страна.
За време на 12-дневната војна (ќе видиме дали навистина ќе остане 12-дневна), се појави анкета на која американските граѓани беа прашани дали имаат негативен став кон Израел, и резултатите беа споредени со 2022 година. Процентот се искачил над половината од вкупното возрасно население – 53 проценти од Американците имаат негативен став кон еврејската држава. Од нив, кај демократите, резултатот е исклучително висок – 71 кај демократите под 50 години и 66 проценти кај демократите над 50 години. Кај републиканците, во категоријата на граѓани од 18 до 49 години, бројката изнесувала 35 проценти во 2022 година, а сега точно 50 проценти имаат негативен став кон Израел. Единствената позитивна категорија за Израелците се републиканците над 50 години, но и кај нив трендот е негативен – од 19 проценти во 2022 година, бројот на критичари на Израел пораснал на 23. Тоа е генерацијата која е навикната да го поврзува Израел со жртвата на Евреите во Втората Светска Војна, а порелигиозните меѓу нив се повикуваат и на библиското наследство и на заедничката јудео-христијанска култура, и се последниот бастион на Израел во САД.

Но, верските аргументи веќе слабо поминуваат кај помладата публика. Бизарно прозвуче апелот на републиканскиот сенатор Тед Круз, во жолчен разговор со Такер Карлсон, дека САД имаат долг кон Израел затоа што Евреите се избраниот народ од Библијата. Ако некогаш овој аргумент се подразбирал во американската јавност, сега звучи како налудничавост. Одреден процент по-фундаменталистички верници во САД дури следат толкување на Светото Писмо дека создавањето на еврејската држава, но и нејзиното подоцнежно уништување во голема војна, ќе биде искрата што ќе ја предизвика Апокалипсата и враќањето на Исус.
Но, да се вратиме на планетата Земја. Тоа што Републиканците го бараат од Трамп е депортирање на мигранти и ослободување на енергетското производство на САД со што се очекува да се намали инфлацијата и да се подобри економијата. Не војна на Блискиот Исток (која може да ја удвои цената на нафтата). Базата на Трамп има веќе вродена недоверба кон безбедносните служби на сопствената држава, кои ги смета за крајно политизирани (а богами, по Ковидот, се сомневаат и во здравствените служби). Некои од водечките десничарски неоконзервативци кои ја промовираа војната во Ирак, како Бил Кристол и Џон Болтон, му свртеа грб на Трамп и се сметаат за предавници од републиканската база. А впрочем, Републиканците се класата граѓани кои гинат во американските војни (покрај мигрантите). Доколку од јавни личности на кои им веруваат им биде укажано дека постои сериозна закана од држава како Иран, тие може да поддржат бомбардирање. Но веќе нема апетит за долготрајно војување со испраќање на копнени сили, за интереси кои не ги доживуваат како свои.
Такер, Стив Бенон, Алекс Џонс и другите критичари на војната се изложија на силен притисок од Белата Куќа, очигледно си ги нарушија односите со Трамп, но по исходот на минатата недела можат да се пофалат дека со својата жртва го спречиле Трамп да биде поведен во погрешна насока и да се обиде да испровоцира обоена револуција во Иран. Трамп првично изјави дека поддржува промена на режимот во Иран – протераниот шах Реза Пахлави веќе почна да се пакува за триумфално враќање во Техеран – но откако поминаа неколку дена Трамп се премисли и неговиот актуелен став е дека работата е завршена со тие неколку ракети што ги истрела врз планината Фордо, и дека секаков обид да се испровоцира револуција во Иран би предизвикал хаос во регионот и милионски мигрантски бранови во Европа. Апелот до претседателот е да се фокусира на економијата и протерувањето мигранти – двете теми кои може да ја одржат неговата коалиција на постари и помлади републиканци и да му донесат победа на конгресните избори кои се за нешто повеќе од една година. Дури и да планирал да почне поголема војна/обоена револуција во Иран, Трамп нема да признае дека се предомислил под притисок од мировното крило во неговата партија – попрво ќе ги исмева затоа што го разбрале дека цело време блефирал со заканите за уривање на режимот во Иран. Ако тоа им успее, и настапи помирување на двете републикански крила, здружени околу заедничките интереси на домашен план, ќе можеме да кажеме дека првата сериозна пречка во вториот мандат на Трамп е надмината.