
Кога зборуваме за отчетност за сѐ она што е сработено во текот на една година, еден мандат или некој друг референтен период, скоро по правило мислиме на некој кој што ја добил довербата и обврската да раководи со некаков субјект. Нашето внимание во принцип е насочено кон раководството на компанијата или институцијата во која што работиме, или пак кон владата на земјата во која што живееме. Некои пак се насочени кон спортскиот клуб, невладината организација или политичката партија во која што членуваат. И таму, според логиката на нештата, треба да постои транспарентен однос и да се дава отчет за она што е постигнато во текот на периодот за кој постои интерес.
Помина една година од функционирањето на македонската влада. Како што е редот, отчетот за сработеното е пред нас. Ставен е на увид на јавноста како сублимат на сите активности реализирани од страна на владата во текот на едногодишниот период. Сработеното говори самото за себе. Некој ќе каже дека е направено прилично многу и ќе честита, друг ќе каже дека владата сработила сосема доволно, а некој ќе цени дека резултатите се незадоволителни и ќе упати низа на критики. Пофалбите и критиките се составен дел од секоја работа, особено онаа на владата која има јавен карактер и која го афектира интересот на секој граѓанин во државата.
Првин стигнаа критиките упатени кон владата, дури и пред да биде претставен отчетот за нејзините постигнувања. Во ред, СДСМ како опозициона партија има полно право да критикува и да укажува на сѐ она за кое што смета дека е негативно и кое што треба да биде коригирано. Плурализмот како систем ја стимулира и поткрепува борбата на мислења и концепти и на тој начин ја зацврснува демократијата како систем на уредување.
Но, СДСМ има и обврска да нуди алтернативни решенија кои како коректив на власта се нејзина општествена обврска која им ја должи на граѓаните. На крајот од денот, СДСМ како довчерашна власт и најголема опозициска партија има и должност да понуди свој отчет за тоа што го реализирала како опозиција во текот на нејзината прва опозициска година по паѓањето од власт на минатите избори. Да, СДСМ е должна да презентира сопствен отчет пред граѓаните за тоа што сработила и кои активности и решенија ги нуди како алтернатива на власта. Ако власта може да даде сопствен отчет, зошто тоа да не го стори и опозицијата која е составен дел од повеќепартискиот амбиент во македонската демократија?!
Да се упати критика, воопшто не е тешко. Но, да се понуди решение како замена на политиките со кои што не се согласуваме, е нешто сосема друго. Дали на неделната трибина, организирана од СДСМ, можевме да слушнеме нешто друго освен гола критика, која во отсуство на понудени решенија се сведе само на едно обично критизерство?! На Македонија и се потребни критичари и политичари кои ќе оспоруваат и нудат решенија, а не критизери и политиканти кои ќе демнат во заседа и плукаат од страна.
Тоа што СДСМ не понуди отчет, можевме да го видиме и очекуваме. Но, што е она кое што СДСМ највеќе го нападна и критикуваше во однос на работењето на владата во текот на првата година од нејзиното функционирање и каков впечаток остави оваа партиска активност?
Прво нешто кое што паѓа во очи е неинвентивниот пристап во креирањето на тези кои ќе бидат употребени како аргументирана критика кон власта. Се стекнува впечаток дека во отсуство на свежи аргументи, СДСМ ги повторува истите тези кои што ги користеше уште од времето на шарената револуција. Македонија била понижена, понижени биле работниците, земјоделците, младите. СДСМ ни кажа дека сме имале влада која лаже и манипулира, а реалноста била тешка и неподнослива и сме влегле во економска криза. Ништо ново во пристапот на оваа партија.
Филипче, кога го говореше сето тоа, изгледаше отсутно од содржината, како да чита нешто кое што е далеку од неговиот фокус на интерес. Факт е дека Филипче со реалната политика се занимава прилично кус период и независно од неговата стручност во областа на медицината, политиката е сосема друго област која што бара долготрајна инволвираност и следење на политичките токови во континуитет. Затоа, воопшто не беше изненадување тоа што Филипче делуваше прилично неубедливо и неповрзано, како да презентира собрани дела напишани од различни комисии на СДСМ кои ги ставиле своите писанија пред лидерот да ги прочита пред насобраниот аудиториум.
Филипче ги повтори сите оние критики кои тековно ги упатуваат од неговата партија. Зборуваше за економијата, економскиот раст, инфлацијата, животниот стандард, земјоделците, субвенциите, јавната администрација и безбедноста. Зборуваше и критикуваше, но никаде не направи споредба со тоа што правеа како власт, ниту пак понуди алтернатива на она кое што беше предмет на критика во неговиот говор. Слушнавме само за тоа што Филипче смета дека не чини, без да каже што претходно било подобро и што ќе биде подобро доколку тој е на власт.
На пример, тој упати сериозна критика за тоа дека после една година на функционирање на владината коалиција, Македонија не само што не се доближила до ЕУ, туку се оддалечила од секоја стратешка насока. Навистина тешка флоскула во отсуство на аргументи.
Во однос на темава би го прашале Филипче, што направија тој и СДСМ, еве конкретно во однос на дебатата која што деновиве се води за Извештајот на Европскиот парламент за напредокот на Македонија. Сведоци сме на сериозна битка во однос на содржината на Извештајот на известувачот Вајц, која што ја води македонската влада со бугарската политичка елита, независно дали се работи за власт или опозиција во Бугарија. Сведоци сме на битка која се однесува на одредби од извештајот поврзани со идентитетски прашања на македонскиот народ и кои што се атакувани од бугарските европратеници.
Освен изјавите на премиерот Мицкоски и владините министри, ние не видовме дека Филипче и СДСМ се заинтересираа и ангажираа во однос на овој извештај. Ние не видовме нити пак слушнавме дека Филипче и СДСМ некаде лобирале или се заложиле да бидат спречени евентуалните негаторски формулации во споменатиот извештај во однос на македонскиот идентитет. На крајот од денот, Европскиот парламент е парламентарната димензија на Европската унија и токму пратениците од македонското собрание имаат соодветна позиција да делуваат и лобираат кај своите колеги европратеници. Впрочем, Филипче и самиот е пратеник и го има полното институционално право и обврска да делува и да го штити македонскиот интерес, исто онака како што бугарската опозиција агресивно го штити бугарскиот. Или можеби Филипче сѐ уште му верува на Заев за бетонираниот идентитет и за „но дискасити фор ајдентити“.
Ова е само една илустрација за начинот на делување на Филипче и СДСМ. Илустрација која може слободно да се преслика на сите останати области кои што се предмет на критика од нивна страна. Тоа е таа супстанца за која што зборуваме и која што му недостасува на СДСМ. Тоа е таа есенција која што е препознаена од граѓаните и кои точно можат да направат разлика меѓу конструктивна критика и голо критизерство. Тоа е таа сервилност и попустливост која што СДСМ ја влече во континуитет како наследство и која што се нуди како единственото решение за македонскиот евроинтегративен процес.
Тоа е тоа кое што Филипче како лидер на СДСМ требаше да го презентира како отчет пред граѓаните на Македонија. Да ни каже дали во текот на оваа прва опозициона година успеал да ја реформира неговата СДСМ и од сервилна партија да ја претвори во вистински браник на Македонија. Да ни каже дали тој тргнал да ја трансформира СДСМ во партија која ќе ги почитува црвените линии на македонскиот национален интерес или ќе ја остави она што беше, партија на сервилни опортунисти кои ја чекаат сопствената шанса Македонија повторно да влезе во немилост на геополитичките констелации.