
Ова што се случува околу извештајот на Европскиот парламент за напредокот на Македонија кон Европската Унија веќе не е прашање коешто е сфера на интерес само на политиката, дипломатијата или на оние кои што се занимаваат со политичка анализа. Не е ниту прашање кое што се однесува само на економскиот интерес или на формално правниот аспект на нашето пристапување кон ЕУ. Содржината и процесот на усвојување на извештајот не можат да останат прашања кои што се однесуваат само на остварувањето на стратешките интереси на земјата и на нешта кои што би можеле да бидат предмет на договор или компромис со цел исполнување на стратешки зацртаните цели.
Усвојувањето на извештајот на Европскиот парламент се претвори во прашање кое што го засега секој Македонец по род и коешто длабоко навлегува во неговата идентитетска срж. Извештајот стана прашање коешто наметна опасност која е насочена и отвора пат кон целосна дезинтеграција на македонската ДНК, атакувајќи врз сите атрибути кои ја дефинираат нејзината посебност и автентичност.
Процесот околу креирањето и усвојувањето на содржината на извештајот на Европскиот парламент добива тек којшто до сега не бил забележан во рамките на парламентарната димензија на Европската Унија и како таков не смее да остане прашање коешто ќе биде занемарено од пошироката политичка и општествена јавност. Од тие причини, случувањата поврзани со процесот на усвојување на извештајот за напредокот на Македонија мора да добијат многу поширока општествена и политичка димензија и истите не смеат да останат товар кој што на својот грб ќе го носат единствено премиерот Мицкоски, министерот за надворешни Муцунски и македонската влада.
Мора да биде изграден јасен став кој ќе има широка поддршка од најголемиот дел од општествениот и политичкиот спектар во Македонија. Политичките партии се должни да изградат заедничка позиција која ќе ги дефинира и штити македонските интереси и како такви ќе делуваат унисоно. Ќе делуваат како вистински претставници на македонските граѓани и особено македонскиот народ, кој е најзасегнатиот ентитет од сите етникуми во земјава. Времето на меѓупартиските обвинувања, додворување до „меѓународната заедница“, како и подготвеноста за отстапки и потчинување со цел добивање ситни политички поени, мора да заврши.
Народот и граѓаните се оние кои будно треба да ја следат состојбата и активностите на сите чинители и буквално да вршат контрола над почитувањето и одбраната на идентитетските прашања. Народот и граѓаните се оној најширок одбранбен фронт на македонските идентитетски атрибути кој треба да следи и контролира дали некој продолжува да кодоши, отстапува и се додворува, ставајќи ја на тезга токму македонската идентитетска супстанца или конечно македонската политика ќе добие целосно зрел политички спектар кој ќе знае до каде мора да бидеме заедно, а од каде може да водиме политички битки.
Европскиот парламент беше првата институција на ЕУ која што во еден од своите извештаи даде препорака за почеток на преговори на Македонија со ЕУ. Со оглед на тоа што извештаите на Европскиот парламент се усвојуваат во постапка која завршува со чин на гласање од страна на европратениците, тие како такви имаат необврзувачки карактер за Европската комисија и подоцна за Европскиот совет. Гласањето и надгласувањето во Европскиот парламент се далеку подемократски механизам од консензусот и можноста за вето со кој оперира Европскиот совет како последна инстанца на одлучување во однос на процесот на проширувањето на ЕУ. Можноста за вето која што им стои на располагање на земјите членки е реалност со која постојано се соочуваме на нашиот пат кон ЕУ.
Извештаите на Европскиот парламент, колку и да се неформални и не ги обврзуваат Европската комисија и Европскиот совет, во секој случај можат да послужат како почетна интонација и нуклеус за отпочнување на одредени процеси кои ќе го добијат својот епилог и разрешница во некоја подоцнежна фаза. Тоа го говорат сите експерти и познавачи на процесите во ЕУ.
Од тие причини, беше исклучително значајна навремената реакција која што беше генерирана и водена директно под команда на премиерот Мицкоски и која придонесе да се превенира и спречи исклучително негативната траса на понатамошното македонско движење кон ЕУ. Извештајот на Европскиот парламент, колку и да е неформален, можеше и сѐ уште може да исцрта траекторија кон Брисел по која ќе тргнеме како Македонци, а ќе стигнеме како Бугари или онака… кој како се чувствува, но никако како Македонци.
Затоа, случувањата во Комисијата за надворешна политика на ЕУ и гласањето кое ги спречи сите обиди на бугарските европратеници за негирање на македонскиот јазик се голема политичка и дипломатска победа. Тоа не победа во некаква агресија, напад или уништување на поинаквиот од себе. Тоа е победа во одбрана на сопственото и на своето. Тоа е победа во само една битка од долготрајната „војна“ за која беа создадени поволни услови од претходната неспособна и индолентна влада, која не можеше да ги согледа последиците од своето работење.
Битките ќе продолжат!
Има ли излез?
Ако судиме според логиката на однесувањето на Софија, многу тешко можеме да кажеме дека во моментов постои некакво излезно решение. Многу јасно се гледа дека Бугарија ќе ги проблематизира македонските евроинтеграции до бесконечност и со примена на најапсурдни политички потези. Бугарија веќе се служи со активности за кои и самата не би имала логично објаснување, доколку подлабоко проникне во тоа што го прави и тоа што го бара.
Имено, најновиот бугарски изум беше формулацијата на македонскиот јазик како „модерен македонски јазик“. Нивната цел е таквата формулација да биде прифатена од Европскиот парламент во рамки на извештајот за кој зборуваме. Во овој најнов бугарски изум постои една силна контрадикторност која самите ја создаваат. Од една страна, јавно го негираат македонскиот јазик велејќи дека е дијалект на бугарскиот, а од друга страна, се обидуваат да го формулираат македонскиот јазик како модерен македонски јазик.
Ако, според Бугарите, во моментов постои модерен македонски јазик, тој модерен македонски јазик логично е да има сопствен корен во некој древен старомакедонски јазик од кој произлегол како модерен. Значи, коренот на денешниот македонски јазик е македонски. Тоа е некаква логична линија на движење ако веќе дебатираме на темата којашто ја отворија Бугарите.
Македонскиот јазик, колку и да е модерен, во никој случај не може да има корен во бугарскиот, затоа што таквиот модерен јазик кој има корен во бугарскиот едноставно ќе биде модерен бугарски јазик, а не модерен македонски. Така вели наједноставната логика. Не може да постои нешто модерно ако не постоело нешто изворно, класично, древно или ancient што би рекле Англичаните.
Ова јасно говори дека Бугарите самите ги негираат сопствените ставови и тези и прават конфузија во однос на прашања кои се повеќе добиваат геополитички контекст. Тие со овој предлог покажуваат дека не знаат што прават и на каде тераат. Покажуваат дека се велемајстори за давање на автоголови. Покажуваат дека единственото нешто коешто во моментов го имаат како фокус е блокадата на македонските евроинтеграции по секоја цена, без никаква логична, правна или друга основа.
Да се соработува и комуницира со сосед кој лута, не знае што предлага, не знае што прави, со сосед кој има право на вето во ЕУ, сосед кој има нестабилни влади и чести избори, сосед кој сѐ уште не расчистил дали е со истокот или западот, е многу тешко. Затоа, македонската политичка сцена мора да се обедини околу одбраната на македонскиот национален интерес. Мора да престанат сите облици на потчинетост, додворувања и ловење на политички поени во матно. Мора да сфатиме дека со неединството во однос на националните интереси самите ги блокираме македонските евроинтеграции, исто онака како што самите ги блокиравме со непромисленото и непресметано прифаќање на обврската за уставни измени.