
Во јавноста се крена голема прашина околу гласањето во ООН за резолуциите на САД, спонзорирана и од Македонија, и на Украина, поддржана и од Унијата. Опозициската СДСМ скокна и рикна, уверена дека има шанса да ја растури власта. Демек, биле – „аматери во надворешната политика“; „ни донеле двојна штета на стратешките партнерства со САД и ЕУ“; „македонската дипломатија мора да остане фокусирана на нашиот клучен државен интерес – европската интеграција“; „премиерот ја води меѓународната политика без поширока координација … и прави огромни грешки“; „гласањето во ООН е скандалозно“… Се’ е цитирано според „Вечер“, од 26/2/2025.
Ништо од сето тоа нема никаква врска со вистината!
Истиот ден, „Слободен печат“ пренесува дека СДСМ за гласањето нагласил – „Неприфатливо е одлуки кои се од стратешко значење за иднината на земјата да се носат избрзано и своеволно. Одлуките за меѓународната позиција на државата мора да се носат транспарентно, со координација на сите релевантни институции и со согласност со нашите стратешки партнери“!?
Ова мораш да го прочиташ барем три, четири пати за да се увериш дека ова го „нагласува“ – СДСМ?! И, пак нема да сфатиш! Само ќе помислиш дека овие или немаат никаква меморија (на памтење, како во шегите), или се, едноставно – забегани? Гласањето во ООН, во целина, нема поголемо значење за нашата надворешна политика а, во основата, беше извонреден потег!
А не така одамна, овие со амнезија, потпишаа тешки и страшни капитулации во Нивици, со Бугарија, дополнети и со два катастрофални протоколи, спроведоа уништувачка „Тиранска платформа“… И, сето тоа подло го криеја, без никој да знае какви историски предавства прават, и тоа на фундаменталните интереси на македонскиот народ!
Истите тие, ја прекрстија земјата; го урнисаа националниот идентитет на вековниот македонски народ; на бесрамен и криминален начин го сменија Уставот на земјата; ги обезличија и државата и народот; сега поддржуваат и политики за негова бугаризација… За шест, седум години, колку што беа на власт, тие му направија такви штети на македонскиот народ, какви што душманите не успеале со векови порано. Најкусо речено – го разнебитија!
И, гледај ги сега! Читај ги цитатите погоре, и крсти се! Не е важно дали си религиозен. И јас не сум, ама се крстам. Тие да ти биле поголеми патриоти од кого било!? Страшно!
Врв на се’ е изјавата на лидерот на СДСМ, кого го гледавме по телевизиите како грубо лаже. Дали од незнаење, или свесно, и не е најбитно. Најтешка лага е кога се изнесува само дел од нешто, а се крие клучното. Тој жестоко ја осуди нашата поддршка на американската резолуција, демек сме морале да бидеме со ЕУ, и заклучи дека – „гласањето во ООН покажа дека Владата без компас и со импровизации ја води надворешната политика“! Уште поодлучно го критикуваше фактот што сме се воздржале од поддршка на сопствената резолуцијата во Генералното собрание на ООН! Иако ко-спонзори, не сме ја гласаме! Ако навистина беше така, тоа би било срамно и без никакво оправдување! Но, не беше.
Во Генералното собрание (ГС), оваа (наша!) резолуција беше одбиена и беше прифатена другата, поднесена од Украина и од ЕУ. Во процедурата којашто следуваше, на американско – македонската резолуција и беше додаден амандман со кој беше променета нејзината суштина. Како таква, таа беше прифатена ама зад неа веќе не стоеја ниту САД, ниту Македонија! Тие не гласаа за сопствената резолуција! И САД беа – воздржани!
Зошто лидерот на СДСМ не го спомна тоа? Зошто премолчи? Зошто не кажа дека имаше јасна причина за тоа? Дали таа не стигнала до него или намерно ја „заборавил“?! Ако не разбрал, требало да се распраша. Но, како инаку ќе ја бламира власта?
Оригиналната американска резолуција, спонзорирана и од Македонија, подоцна беше усвоена во Советот за безбедност (СБ) на ООН, и за разлика од украинската и на ЕУ, усвоена во ГС, оваа е обврзувачка. За да разберат нашите генијални опозиционери што се случуваше во ООН, треба да знаат дека во СБ, против не гласаа ниту Франција, ниту Британија. Тие се воздржаа а ако гласаа против, резолуцијата ќе беше одбиена бидејќи тоа ќе значеше нивно вето. Во гласањето во СБ, се воздржаа и три други членки од Унијата.
Сите тие гласаа за „својата“ резолуција во ГС, а во СБ се воздржаа за американската, којашто е целосно спротивна на нивната. Логично е да се прашаш – знаат ли ЕУ членките, ама и Велика Британија, што поддржуваат, а за што се против? Изгледа – не! Нема објаснување како е можно – да предлагаш нешто, а истовремено да си воздржан, а не против, за тоа што го негира твоето?! Невидено!
Тоа е повторно повод да се чудиш и да се крстиш. Освен Украина, којашто е по многу што уништена, главна жртва на оваа војна е токму – Европа. Поточно – ЕУ. И, место Унијата да биде знаменосец во барањето на мир, тие сакаат да војуваат!
Очигледно, ЕУ е во небрано и длабок шок. До сега, Брисел дисциплинирано спроведуваше голем дел од американските политики, и се лажеше дека тоа не се забележува. Сега, по драматичните промени во Вашингтон, политичарите не смеат веднаш да легнат на брашно бидејќи ќе се види срамното вазалство. Ќе се посрамотат кај избирачите. Избор, меѓутоа, немаат. За кусо време, еден по еден, сите ќе се престројат. Нека им биде пример – Македонија!
Честитки за Македонија. Браво за гласањето во ООН!
Да ја видиме и суштината. Основна порака на тевтонските промени на светската политичка сцена, иницирани од САД и Трамп, е – стоп за војните. Секој нормален мора тоа да го поддржи. Да, ама ЕУ не мисли баш така. Унијата е за продолжување на војната, се’ до конечна победа на Киев! Трамп, му откри на американскиот народ дека го лажеле дека Украина може да победи. Тој имаше доблест за тоа, ама Брисел, очигледно, нема такви карактеристики.
Македонската дипломатија направи извонреден потег во Њујорк што ја поддржа американската резолуција. Таа е прагматична и е единствен начин да се заврши војната. Трамп призна дека тоа беше војна на САД против Русија, со активна поддршка на Германија и Франција. Тоа го призна и Меркел, кога кажа дека договорите во Минск (2014 и 2015) беа лажни! Целта не била мир туку да се добие време за Украина да се подготви за војна! Тие се одлучиле, значи – за војна!
И без да го спомнуваме неприфатливото членство на Украина во НАТО, доволно е за да се сфати дека Русија немаше избор отколку да ја брани својата безбедност. Затоа, ако навистина се сака мир, во резолуциите не може повеќе да се зборува за руска агресија. Реалните факти се поинакви. И, ако се земе предвид дека Киев, претходно, го забрани рускиот јазик, а 18,2 проценти од населението беа Руси – се’ станува јасно.
Факт е дека Русија ги зазеде деловите од Источна Украина, каде што живееја главно Руси. Војната трае веќе цели три години, бројот на жртвите е огромен кај двете страни и, што мислите – Русија туку, така, ќе се повлече од четирите региони коишто формално ги приклучи во својата територија? Тоа не е возможно а, за жал, и не е логично. Израел се’ уште ги контролира палестинските и сириските територии освоени во војната од 1967 година. Таква е праксата. Без тоа – нема мир.
Москва не се прослави многу во војната и, иако војуваше со НАТО, таа е – победник,. Затоа, ако се бара мир, мора да се биде прагматичен, да се поаѓа од условите на теренот, а не врз некаква теорија. Токму тоа го прави Трамп и мора да се поддржи. Унијата не знае што сака, и е загубена во вселената.
Мора секому да му биде јасно дека, без новата американска политика – нема теоретски шанси за мир во Украина. Големината на Трамп и на неговиот тим е токму во тоа што ги прифатија неспорните факти, направија целосен пресврт во американските политики и, во случајов, диктираат нови, позитивни тонови на меѓународната сцена.
Новите американски политики, коишто се борат против „длабоката држава“, и се против војни, мора максимално да се поддржат. Впрочем, ние треба да бидеме и лидери на тој план бидејќи Македонија беше една од најголемите нејзини жртви.