Skip to main content

Детална анализа на договорот за (не)пријателство со Бугарија

Најчесто, меѓународните договори се потпишуваат со добра волја, во позитивна атмосфера и на реципрочна основа. Како такви, тие се корисни за потписниците и носат бериќет. Се спроведуваат со задоволство, и се надградуваат.

Нам, меѓутоа, овој – „Договор за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија“, ни беше наметнат. Тоа не беше ниту случајно, уште помалку неочекувано. Во прашање е долгорочна стратегија. Основа е срамната декларација од 1999 година, потпишана од премиерите Костов и Георгиевски, а под директен и отворен диктат на Вашингтон. Носител беше лично заменик државниот секретар, Строут Талбот. Со тоа се отвораше патот на Бугарија за членство во НАТО, за да се опколи Русија, а ние потврдивме дека Софија нема отворени прашања со нас. Тоа беше интерес на Бугарија и на САД, а не наш, и отстапки мораа да се бараат од нив, ама и тие ни беа наметнати нам! Нашле овци…

Барем сега, станува кристално јасно дека и декларацијата, и договорот се замислени како дел од процес за дефинитивно затворање на „Македонското прашање“, што е можно само со бришење на Македонците. Со овој договор, намерата на Софија, и не само нејзина, беше да се постигне токму таа скриена и задна намера, а самиот наслов е – чиста измама. На Бугарите не им недостасуваа пријателството и соработката со нас, туку само план како да ги финализираат своите историски синдроми и цивилизациски будалштини дека нема македонски народ. Основа и начин за наше бугаризирање, гледаа преку блокади и уцени на нашите амбиции за членство во Унијата. Со потезите коишто следуваа, тоа јасно се потврдува!

Народот убаво рекол – со некој што има скриени намери, не се прави куќа – ќе те излаже. Токму тоа сега ни го прави Бугарија. Како последица на нивните подли замисли, и на нашата идиотска наивност, Софија врши жестока агресија врз Македонија, а меѓусебните односи станаа неподносливи. Што е ова? Нели за пријателство се договоривме?

Така е бидејќи Македонија во никој случај не смееше да ги потпише ниту договорот, а уште помалку подоцнежните два протоколи. Најбесмислено од се’ е, сепак, прифаќањето на историската комисија, којашто треба да покаже и докаже дека историјата ни е заедничка или, со други зборови, дека сме еден народ. Бугарски. Проблемот е уште посериозен кога се знае дека сето ова е политика на единствената супер сила, како резултат на нејзините регионални интереси. Впрочем, текстот од договорот беше 10-тина години на маса, ама претходната власт не капитулира, свесна дека со него се рушат фундаментите на македонизмот. Затоа и ја урнаа.

Еве детална анализа на договорот, склучен на 1/8/2017.

Во преамбулата, која е рамка на договорот, се повикува на – „понатамошен развој на добрососедството, пријателството…“; „меѓусебно почитување, доверба, разбирање“; „поддршка на стремежот на Македонија за интеграција во европските и евроатлантските структури“…, како и дека – „заедничката историја ги поврзува двете држави и нивните народи“.

Од преамбулата, Софија се држи само за „заедничката историја“. Се’ друго игнорира.

Членовите од 1 до 7, се залагаат за – „развивање сестрани односи“; „соработка во сите меѓународно организации; „соработка … во областа на европската … интеграција, насочена кон успешна подготовка на Македонија за членство“; „развој на соработката во Југоисточна Европа“; „контакти меѓу претставници на органите на државната и локалната власт“; „создавање услови за најшироко можно движење на стоки, услуги и капитал“; „соработката во туризмот“; „развој на сообраќајните врски и олеснување на царинските и граничните формалности“…

Ништо од сето ова Софија ниту почитува, а уште помалку спроведува. Обврската од член 2 – дека ќе не поддржува на патот кон ЕУ, е претворена ВО ГРУБА И СРЕДНОВЕКОВНА БЛОКАДА! Фактот што заради тоа не го откажуваме договорот, покажува наша целосна политичка неписменост.

Во член 8, се прецизира – „… со цел продлабочување на взаемната доверба, ќе се формира ‘Заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања’, за да придонесе за објективно и засновано на автентични и на докази засновани на историски извори, научно толкување на историските настани“. “Комисијата ќе поднесува ЕДНОГОДИШЕН ИЗВЕШТАЈ за својата работа пред двете влади“. „Двете страни ќе организираат со заемна согласност заеднички чествувања на заеднички историски настани и личности“.

Ова е клучниот интерес на Бугарија и на нејзините ментори, поврзан со најавата во преамбулата. Преку комисијата, ние се согласивме Софија да одредува дека историјата ни е „заедничка“, а два народа теоретски не можат да имаат таква! Во услови кога Софија не прифаќа дека ние постоиме како одвоен народ, кога 150 години тврди дека ние сме неосвестени „бугарчиња“, прифаќањето на ваква комисија значи само директно и класично предавство. Ништо помалку

Ако е интерес на главниот светски фактор дефинитивно да се затвори „Македонското прашање“, за што има огромен број на докази по распадот на Југославија, тоа не е реално можно без бугаризација на Македонците. Не можат нас, туку, така, да не избришат и фрлат на ѓубриште! Коинциденцијата на американските и на бугарските интереси е токму во тоа, а Историската комисија е замислениот џелат за таа операција. Ваквите комисии со Бугарија и Грција, никако не се измислици на овие земји. Заедничкото, пак, чествување на историски личности и настани е интегрален дел од истото сценарио.

Членовите 9 и 10, се за слободно ширење на информации и правна и конзуларна соработка. И тука тие ништо не прават. Кај нас се гледа бугарска ТВ, ама не и наша кај нив.

Член 11 е повеќезначен. Став 1 вели – „ниту една страна нема да презема, поттикнува и поддржува дејствија, насочени против другата земја, кои имаат непријателски карактер“.

По потпишувањето на овој предавнички договор, Софија ја блокираше Македонија на патот кон ЕУ и ѝ постави уцена за промена на Уставот… Тоа е предоволно договорот веднаш да го искинеме, и тоа јавно, и да им се порача – вие сте наши агресори и непријатели. Ништо помалку од тоа.

Во став 3 стои дека двете страни – „немаат и нема да пројавуваат територијални претензии една спрема друга“. Непризнавањето на Македонците, и ултиматумот измислените „Бугари“ да влезат во преамбулата на Уставот, што дава право на самоопределување, се директни територијални аспирации! Тие и не кријат дека сме – „втора бугарска држава“! И овој став е доволен за откажување на договорот.

Во став 5, Македонија се обврзува – „… нема да се меша во внатрешните работи на Бугарија, околу лица коишто не се наши државјани“. А, зошто нема таква одредба и за Бугарија, во однос на Македонија? За да можат, де, да ни бараат менување на Уставот, за да отвораат фашистички клубови…

Став 6 е посветен на – „спречување на недобронамерна пропаганда“. И, што се случува? БАН и Владата аминуваа документ, претворен во декларација во Собранието, со која се тврди дека македонскиот народ е резултат на етнички и јазичен инженеринг, што значи дека сме измислени!? „Овие вистини“, пак, со „објаснувачки меморандум“, нивното МНР ги достави до целиот свет! Ние – не реагиравме, а во прашање е стравотна фашистичка пропаганда, не видена по Втората светска војна! Ова не е нешто „недобронамерно“ – туку демонстрација на жестоко непријателство! По ваквата постапка, договорот МОРАШЕ да се фрли во ѓубре!

Според член 12, се формира – „Заедничка меѓувладина комисија“, на чело со министрите за надворешни работи. Задача – „редовни годишни средби, за преглед на ефективната примена на договорот“. Конкретно, тоа треба да значи верификација на нашите историски отстапки. На две средби, Н. Димитров и Б. Османи веќе потпишаа протоколи со кои ја закопаа иднината на земјата, не само во насока на ЕУ. Поминаа седум години а имало само две средби и записници! Фалат дури пет! Постои ли формално таква комисија?

Член 13 – а) обврзува на ратификација на договорот во парламентите; б) дозволува негова измена со меѓусебна писмена согласност; и в) овозможува раскинување со нота – по една година. Раскинувањето МОРА да го искористиме!

Заклучната забелешка е нова катастрофа – договорот е потпишан – „на македонски јазик, согласно Уставот на Р. Македонија…“ Сме прифатиле, како и во декларацијата од 1999, дека јазикот не ни е автохтон, туку извира од Уставот! Ако современата македонска држава има Устав од 1946, од тогаш може да има и македонски јазик! Така е, според оваа формулација!? Тоа е директна потврда на бугарските мизерии дека нѐ измислил – Тито! Што се’ ни сторија предавниците!

Клучна глупост е да потпишуваш „договор за пријателство“ со некој што не прифаќа дека постоиш. Бугарите и менторите, пак, знаеле што сакаат и максимално успеале. Барем до сега.

Да заклучиме: 1. Со договорот не се бара промена на Уставот. Тоа е наметнато со вториот протокол. 2. Тој протокол МОРА веднаш да се откаже бидејќи немаме друг излез од ќор-сокакот во кој сме. По таков потег, ЕУ ќе мора да ја менува и катастрофалната преговарачката рамка, која се базира главно на него. Преку истата, нема никогаш да влеземе во ЕУ! 3. Софија збесна и започна да нѐ блокира (декември, 2020) и да го бара невозможното откако капитулиравме во Нивици. Станаа свесни дека, за разлика од Грците, тие многу малку добија. 4. Меѓу Атина и Софија секако има координација за бришењето на Македонците. Колкава и каква е таа, и како функционира – мора да се истражува. Тоа, никој не го прави.

   

Поврзани вести