Skip to main content

Бегање од политичкиот дијалог – пат кон маргинализација

Во политички системи со релативно кратка демократска традиција, како што е македонскиот, стабилноста не се создава со импровизации. Потребни се јасни правила, институционална зрелост и политичка одговорност. Токму од тој аспект, последната лидерска средба, иницирана од премиерот Мицкоски, претставува важен чекор кон нормализирање на политичкиот процес во Македонија. Тоа претставува враќање на долгогодишната пракса на политички дијалог меѓу лидерите, пракса која што функционираше во македонската политика, од нејзиното осамостојување па се до ерата на Заев и Ковачевски.

Мицкоски јасно кажа, имаме доволна поддршка од граѓаните. Таа поддршка е изразена во пратенички мандати, преку кои можат да се движат процесите и без СДСМ или некоја друга опозициска партија. Поедини закони можат да бидат донесени и без потреба од поширока поддршка. Но, политичката култура налага политички дијалог и почит кон сите релевантни учесници во македонскиот политички живот, независно од нивната моментална сила. Затоа и беше упатен повикот кон сите парламентарни партии за учество во политичкиот дијалог на лидерско ниво.

За жал, оние кои што беа довчерашна власт, оние кои што на државата и граѓаните им наметнаа сериозни обврски за исполнување, не се одважија да земат учество на лидерската средба. Отсуството на политички дијалог е проблем за сите нас, македонските граѓани, но на крајот од денот последиците од ваквиот потег највеќе ќе ги почувствува Филипче и неговата СДСМ. Наместо на лидерската средба да гледа како на партиски маневар, Филипче сето ова мораше да го чита како обид за отворање на дијалог за системски прашања што со години ја оптоваруваат државата, особено во периоди пред избори.

Не држи тезата на СДСМ и Филипче дека сето ова се прави заради некакви предвремени парламентарни избори. Во неколку последователни изборни циклуси, кои што се зад нас, постојано се отвораше темата за менување на изборниот модел. Едната дебата одеше во правец да се помине од моделот на шест во модел на една изборна единица. Се зборуваше за тоа дали е потребно да гласа дијаспората или пак листите да бидат отворени или затворени. Имаше и предлози за враќање на мнозинскиот систем.

Како по правило оваа дебата се затвораше без никаков епилог од причина што секогаш се одвиваше непосредно пред избори. Изговорот за нејзиното прекинување секогаш беше дека пред избори не можат да се прават никакви законски измени кои што се поврзани со изборниот процес.

Токму затоа не држи тезата на Филипче дека овој процес е инициран од Мицкоски заради некакви брзи предвремени парламентарни избори. Ако се брзи и предвремени, законот не дозволува никакви корекции во изборната легислатива непосредно пред нивното одржување и со тоа политичките тези на СДСМ и Филипче се дисквалификувани во старт.

Иницијативата на Мицкоски е сосема нормална и логична и тој е првиот премиер кој го иницира политичкиот дијалог на оваа тема уште во првата половина од својот мандат. Тоа значи дека политичкиот дијалог и политичките партии ќе имаат доволно време да најдат одговор за сите слабости кои што се согледани до сега, да ги усогласат сопствените ставови и да излезат со решение кое нема да биде плод на притисок од времето, роковите и законските ограничувања кои што се на сила во моментов.

Фактот што власта иницираше лидерска средба зборува за нејзината самодоверба, но и свест за одговорноста што ја носи управувањето со државата. Мицкоски не настапува од позиција на конфронтација, туку од позиција на институционален дијалог. Прашањето за техничката влада, кое што беше ставено во преден план, не е идеолошко, туку прашање кое што се однесува функционалноста на македонската влада и македонските институции во релативно долг временски период, пред и по секои парламентарни избори.

Техничката влада беше воведена во специфичен политички момент, како кризна мерка. Денес, кога постои стабилно парламентарно мнозинство и демократски изборен процес, а земјата е членка на НАТО, логично е да се постави прашањето, дали техничката влада како вонреден механизам треба да остане трајно решение?

Секако дека не!

Аргументот на Мицкоски е јасен, редовна влада со дефинирана одговорност е далеку подобро решение од техничка со неопределена надлежност и одговорност. Ваквиот став провејуваше и пред изборите во 2024 година. Но, политичката обврска за октроиран Албанец премиер, која што Заев и ја наметна на СДСМ и Македонија, беше посилна дури и од тогашното размислување во некои кругови на ВМРО-ДПМНЕ за неучество во техничката влада.

Тогаш зборувавме за тоа дека воопшто не е проблем Македонија да има Албанец за премиер. Човек кој што има политички мандат и ги застапува интересите на мнозинството граѓани. Но премиер, како производ на трговските договори на Заев, платени со македонскиот суверенитет и распродажбата на националните интереси, беше класична дисквалификација на демократијата како систем во Македонија.

Затоа, може да констатираме дека е многу важно тоа што лидерската сепак се одржа, макар и во формат без анемичната СДСМ. Средбата не е важна само за власта или пак за политичките партии застапени во Собранието, туку за целата држава. Стабилноста на изборниот и институционалниот модел е во интерес на граѓаните, на сегашната, но и на секоја идна власт.

Може да констатираме и дека владата која што предлага дијалог за јасно дефинирање на правилата, покажува дека не стравува од транспарентност и конкуренција. Напротив, таа настојува да изгради систем што ќе биде одржлив, без разлика кој ќе победи утре. Тоа всушност е есенцијата на европската политичка култура, односно правилата да не се менуваат според моменталниот победник, туку да важат еднакво за сите.

Тоа што Филипче, како претседател на СДСМ не го препозна моментот и не одигра државнички на ниво на лидер на една од најголемите македонски партии, е сериозен проблем за СДСМ. Тоа што Филипче се повеќе ја претвора СДСМ во некаков хибрид кој наликува малку на политичка партија, малку на невладина организација и малку на збир на анархисти според урнекот на шарената револуција, исто така е проблем за СДСМ. Неговото отсуство од лидерскиот форум, во услови кога во светот радикално се менуваат состојбите, кога реалполитиката и прагматизмот се повеќе стапуваат на сцена, бегањето од политичкиот дијалог е формула за сопствена маргинализација, изолација и дефакторизација.

Раководството и политиките на СДСМ и вака и онака се дефакторизирани од граѓаните. Затоа, раката која што Мицкоски му ја понуди на Филипче, можеби беше рака која ќе му овозможеше на СДСМ да смогне сили, да погледне во себе и сопствените редови и да спроведе вистински реформи на политиките кои што ги застапува.

Лидерската средба не треба да се доживува самата по себе како крајна цел. Таа е само иницијатива за почеток на процес кој повеќекратно беше прекинуван и ставан на спореден колосек. Ако тоа на Филипче не му е јасно, а во исто време својата улога во политиката ја доживува само низ призмата на неговото учество во власта, тогаш тој дефинитивно не е дораснат за позицијата претседател на СДСМ и лидер на македонската опозиција.

Поврзани вести