Skip to main content

Научниците ги разбиваат митовите за никотинските производи без чад

Постигнувањето на глобалната цел што си ја поставија голем дел од развиените држави во светот, да создадат свет без чад од тутун, и по една деценија сѐ уште ги отвора прашањата за тоа како електронските цигари, а од неодамна и другите никотински производи, се вклопуваат во реализацијата на таа цел.

Поради сите предизвици што ги носи таквата глобална цел, повеќе од 550 меѓународни делегати, меѓу кои и научници, здравствени експерти, регулаторни тела, претставници на здруженија и креатори на политики, се собраа на Самит во Кралскиот колеџ на лекари во Лондон. Самитот, како и секоја година, понуди простор за конструктивна дискусија за регулирањето на производите што содржат никотин, докази за јавното здравје и идната стратегија за борба против пушењето. Иако местото на одржување беше Обединетото Кралство, дискусиите не беа фокусирани само на британскиот контекст: многу панели ги разгледаа ЕУ, Канада, САД, Австралија и Нов Зеланд, региони кои минуваат низ свои регулаторни турбуленции во последниве години и бараат одговори на истите прашања.

Свое излагање за една од најинтересните теми за јавноста, како што се заблудите за никотинските производи, имаа Хејден Мек Роби, професор по јавно здравје на Универзитетот „Квин Мери“ во Лондон, и норвешкиот истражувач д-р Карл Е. Лунд, кој во текот на својата кариера бил вклучен во неколку тужби против тутунската индустрија.

Транспарентност пред сè

Проф. Мек Роби во своето излагање откри како перцепцијата за ризикот поврзан  со никотинските производи е многу далеку од тоа што го потврдуваат научните докази. Податоците покажуваат дека голем број луѓе веруваат оти никотинските производи се исто толку штетни, дури и поштетни, од пушењето. Овој тренд е најизразен кај групите со највисоки стапки на пушење.

– Ако луѓето веруваат дека никотинските производи се исто толку или повеќе штетни од пушењето, тие имаат помала веројатност да се префрлат на овие алтернативи – проф. Мек Роби, предупредувајќи дека дезинформациите ги поткопуваат стратегиите за намалување на штетите од пушење.

Според него, особено загрижувачки е падот на довербата во здравствените професионалци. Имено, истражувањата покажуваат дека еден од осум граѓани повеќе ѝ верува на тутунската индустрија отколку на лекарите.

– Затоа е неопходно јасно да се комуницира она што го знаеме, но подеднакво отворено да се зборува за она што сè уште не го знаеме и на тој начин да се избегне морализацијата што ја задушува рационалната јавна дебата – заклучи проф. Мек Роби. 

Од друга страна, норвешкиот истражувач д-р Карл Е. Лунд, во своето предавање, нагласи историски модел кој се повторува повеќе од еден век: ниту една забрана, казна или регулаторно ограничување, без оглед дали тие се физички, економски или социјални, не успеале да ја елиминираат побарувачката за никотин. Повикувајќи се на познатата изјава на Мајкл Расел од 1971 година: „Ниту еден никотински производ никогаш не исчезнал од пазарот без да биде заменет со друг“, Лунд истакна дека потребата за никотин не се променила низ историјата, туку само формата на неговото користење.

Според д-р Лунд, историјата на норвешкиот пазар, кој циклично преминувал од тутун за џвакање на луле, потоа на тутун за виткање, цигари, снус, а сега и никотински ќесички, покажува дека забраните, всушност, не функционираат: наместо да ја намали потрошувачката, таа само ги пренасочува потрошувачите кон нови производи. Токму затоа, според Лунд, регулирањето на никотинските производи мора да се базира на вистинското ниво на ризик, а не на идејата дека е можно целосно да се елиминира употребата на никотин во општеството, бидејќи историјата го докажува спротивното.

Заедничката порака на двајцата научници е јасна: пазарот на никотин се движи побрзо од кога било, а јавната перцепција се движи уште побрзо. Затоа е клучно да се обезбедат конзистентни, научно засновани информации, да се препознае разликата помеѓу релативната и апсолутната штета и да се развијат регулативи што ги следат реалните ризици, а не предрасудите. Во свет каде што навиките за консумирање никотин постојано се менуваат, а комуникацискиот вакуум лесно се пополнува со дезинформации, разбирањето и прецизното објаснување на ризиците стануваат најважни алатки на јавното здравје.