
Ако почине кандидат за советник, според Изборниот законик се предлага нов кандидат во период до десет дена пред денот на одржувањето на изборите, изјави денеска Емилија Петровска, претседател на Општинската изборна комисија во Кавадарци, за МИА по информацијата за смртта на Панчо Минов, носител на листа кандидати за советници на претстојните локални избори што ќе се одржат на 19 октомври.
Според член 67-а од Изборниот законик, ако некој од кандидатите на потврдената кандидатска листа умре во периодот од денот на потврдувањето на кандидатските листи, политичката партија, односно коалиција, кои го предложиле тој кандидат, можат на местото на истиот да предложат друг кандидат, а ако е предложен од страна на група на избирачи може наместо него да предложат друг кандидат без собирање на потписи во постапката за кандидирање утврдена со овој закон, во период до десет дена пред денот на одржувањето на изборите – посочи Петровска.
Во ставот два од овој член во ИЗ се вели дека кандидатот кој починал ќе се избрише од кандидатската листа, а кандидатот со кој е дополнета кандидатската листа ќе биде ставен на местото на кое бил предложен починатиот кандидат или ставен на последно место на кандидатската листа, при што во тој случај редоследот на другите кандидати од листата предложени на листата под кандидатот кој починал се поместуваат за едно место погоре.
Ако кандидатот кој починал е носител на листа, листата ќе се дополни на начин утврден во ставот два на овој член, а носител на листата ќе стане кандидатот од кандидатската листа предложен од предлагачот на листата.
Засега нема информации дали ќе има промени на независната листа што ја предводеше Минов.
Од името на Комисијата, Петровска изјави сочувство до семејството на Минов, кој во два мандата беше градоначалник и во четири мандати, пратеник.