
Националниот „Поетски слем Македонија“ 2025 годинава по 15-ти пат ќе се одржува во Прилеп и ќе трае од 9 до 12 октомври.
Литературната манифестација е во организација на Театарска работилница – Прилеп, а ќе се отвори на 9 октомври во 20 часот во ЈОУ Градска библиотека „Борка Талески“ – Прилеп со настан наречен „Поетски двобој: Есенин vs Мајаковски“, во чии рамки ќе се одржи промоција на преводите на Славе Ѓорго Димоски. Првиот фестивалски ден во кафе-галеријата „Лувр“ ќе се отвори и изложба-инсталација од мултимедијалниот уметник Владимир Лукаш.
Оваа година, за титулата национален претставник, ќе се натпреваруваат триесетина учесници и учеснички од различни возрасти и со уникатни стилови на изразување и творење кои доаѓаат од цела Македонија, вклучително и од градовите Скопје, Прилеп, Битола, Куманово, Охрид и Велес. Повеќето се слем-ветеран(к)и, кои традиционално учествуваат на прилепскиот слем-настан, а оваа година публиката ќе има можност за првпат да запознае и многу нови имиња во слемот: Бобан Богатиновски, Валерија Дамчевска, Вероника Ризеска, Виктор Спасески, Горан Анчевски, Горазд Китановки – Кени, Далибор Ангеловски, Дамјана Видическа, Даница Лепојевиќ, Елена Јандреовски, Живко Грозаданоски, Јован Лешев, Јулијана Маринковиќ, Лиле Јовановска, Марина Икономова Шокева, Ристо Иракоски, Славчо Ковилоски, Снежана Паноска, Соња Гаврилова, Стефанија Граовац, Тања Кузманоска, како и ланскиот победник Матеј Петров и организаторите Игор Трпчески и Елена Пренџова.
На 10 октомври, со почеток од 18 часот во ревијалниот дел поетите ќе продефилираат низ центарот на Прилеп и ќе рецитираат поезија на повеќе локации со што официјално ќе се отвори фестивалот. На дефилето ќе читаат Андреј Ал-Асади, Ѓоко Здравески, Марија Грубор, Матеј Петров, Гала Матевска, Андреј Анѓелковиќ, Игор Трпчески, Елена Пренџова и многу други.
Во киното „Мис Стон“ со почеток во 20:30 часот ќе се одржи слем-полуфиналето.
Третиот фестивалски ден има најбогата програма, па настаните почнуваат напладне. Од 12 до 13 часот во галеријата НУЦК „Марко Цепенков“ Прилеп ќе се одржи работилница и промоција на „Еден маж и една жена, или како љубовта раздвојува светови. Интерактивна збирка поезија за креативно читање и пишување“ со Елена Пренџова. Потоа во кафе „Чоше“ ќе се одржи слем-кафе со диџеј Олд Скул Селектор.
Во кафулето „Тротоар“ со почеток во 18 часот ќе се одржи промоција на книгата „Ние сме Ева“ на Оливера Андоноска. Во 19 часот на истата локација ќе се одржи промоција на поетската книга „Небо трето“ на Ѓоко Здравески, на која со свој поетско-музички перформанс ќе настапат авторот, Дејан Спасовиќ и Перо Сарџоски.
Настаните продолжуваат во летната сцена НУЦК „Марко Цепенков“ со настап на специјалниот гостин од Белгија, Кевин Амсе, кој настапува во рамки на интернационалната програма. Слемерот Кевин Амсе, кој неколку години по ред бил финалист на Белгиското слем-првенство, ќе настапи на фламански и холандски јазик, а публиката ќе има можност да се запознае со неговите стихови благодарение на препевот на македонски на Ели Пујовска и на фондацијата „Фландерс Литрача“.
Финалето на 15. Поетски слем ќе почне во 20:30 часот, а вечерта ќе заврши со концерт на „Пијан Славеј“.
Последниот фестивалски ден (12 октомври) учесниците ќе имаат можност да присуствуваат на литургија во манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ – Трескавец, каде што потоа ќе се одржи и поетско читање.
– Од 2011 до денес Театарска работилница Прилеп има организирано повеќе од 20 поетски слем-натпревари, кои на ниво на Македонија имаа очигледна развојна и нагорна линија. Учествувале над 150 автори и сме имале повеќе од 15 специјални гости. Девет победници на „Поетски слем Македонија“ ја претставуваа Македонија на европските поетски слем шампионати во: Стокхолм, Шветска, 2014 година – Афродита Николова; Лувен, Белгија, 2016 година – Елена Пренџова; Брисел, Белгија, 2017 година и Марибор, Словенија 2020 година – Игор Трпчески; Будимпешта, Унгарија, 2018 година и Антверпен, Белгија 2023 година – Марија Грубор; Брисел, 2021 година – Никола Дукоски; Рим, Италија 2022 година – Горазд Кени Китановски; Кошице, Словачка, 2024 година – Миланчо Пендев.
Минатогодишниот победник Матеј Петров ќе присуствува на европското во Берлин, Германија. Театарска работилница Прилеп од минатата година е официјален член на Светската Поетска слем-организација и веќе две години е во преговори за Европскиот Поетски слем-шампионат да се организира во Скопје, во годината кога Скопје ќе биде Европски град на културата – вели организаторот Игор Трпчески.
Годинешниот победник ќе ја претставува Македонија на Европското слем-првенство, со можност и на Светското.
Во рамки на годинешниот „Поетски слем Македонија“ ќе бидат објавени и презентирани две книги: Збирка поезија – „15 години Поетски Слем Македонија“ и „Избор слем поезија“ од Кевин Амсе од Белгија, во препев на Ели Пујовска.
Дизајнот е на Владимир Лукаш.