Skip to main content

Кобахидзе: Демонстрантите се обидоа да ја соборат владата, ЕУ се меша во грузиската политика

Грузискиот премиер Иракли Кобахидзе денеска изјави дека демонстрантите кои вчера се обидоа насилно да влезат во претседателската палата всушност се обидуваат да ја соборат владата и ја обвини Европската Унија за мешање во грузиската внатрешна политика.

Британските медиуми пренесуваат дека грузиската полиција во вчерашните немири  употреби солзавец и водени топови за да ги растера демонстрантите пред претседателската палата и приведе пет активисти кои учествуваа во големиот протест организиран од опозицијата на денот кога се одржаа локалните избори.

Кобахидзе рече дека на митингот учествувале до 7.000 лица, но дека нивниот обид за соборување на уставниот поредок не успеал, и покрај поддршката од Европската Унија.

Никој нема да избега од одговорност. Ова вклучува политичка одговорност, истакна Кобахидзе.

Тој го обвини амбасадорот на ЕУ, Павел Херчински, за мешање во грузиската политика и го повика да ги осуди протестите.

Знаете дека некои луѓе од странство дури и отворено ја изразија својата поддршка за сето ова, односно за најавениот обид за соборување на уставниот поредок. Во овој контекст, амбасадорот на Европската Унија во Грузија носи посебна одговорност. Тој треба да излезе јавно, да се дистанцира и најостро да го осуди сè што се случува на улиците на Тбилиси, нагласи Кобахиѕе.

Европската Унија не ги коментираше тврдењата, но во јули дипломатската служба на ЕУ ги отфрли она што го нарече дезинформации и неосновани обвинувања од грузиските власти за наводната улога на ЕУ во Грузија.

Неодамнешните објави во кои лажно се тврди дека Европската Унија сака да ја дестабилизира Грузија, да ја вовлече во војна или да наметне таканаречени „нетрадиционални вредности“ се намерен обид да се заведе јавноста“, објави ЕУ во јули.

Владејачката партија „Грузиски сон“ објави дека обезбедила победа во сите општини низ целата земја на локалните избори кои вчера беа бојкотирани од двата најголеми опозициски блока.

Прозападната опозиција на Грузија организира протести од минатиот октомври, кога „Грузиски сон“ победи на парламентарните избори за кои критичарите велат дека биле нерегуларни.

Поврзани вести