Skip to main content

Вицепремиерот Стоиљковиќ го пречека српскиот премиер Мацут

Кабинет на потпретседател на Владата и министер за односи меѓу заедниците

Во рамки на официјалната посета на земјава, денеска во Скопје пристигна премиерот на Р Србија, г. Ѓуро Мацут. Високата делегација од Република Србија беше свечено пречекана на Меѓународниот аеродром – Скопје од страна на владина делегација предводена од заменик-претседателот на Владата и министер за односи меѓу заедниците, г. Иван Стоилковиќ, се вели во соопштението од Кабинетот на потпретседател на Владата и министер за односи меѓу заедниците.

Во рамки на посетата, премиерот Мацут оствари работна средба со претседателот на Владата на РС Македонија, г. Христијан Мицкоски. На средбата присуствуваа и министрите од двете влади: Драган Гламочиќ, министер за земјоделие, шумарство и водостопанство на Р Србија, Јагода Лазаревиќ, министерка за надворешна и внатрешна трговија на Р Србија, Цветан Трипуновски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ.

Средбата се одржа во конструктивна и пријателска атмосфера, при што беа разменети мислења за прашања од заемен интерес, со посебен акцент на унапредување на билатералната соработка во повеќе сектори, вклучително економијата, енергетиката, инфраструктурата, културата и образованието.

Во фокусот на разговорите беа и унапредувањето на добрососедските односи, зајакнувањето на политичкиот дијалог, како и координацијата во рамките на регионалните иницијативи и процесите на европска интеграција, каде што двете земји ја изразија подготвеноста за понатамошна соработка и поддршка.

Работниот дел од посетата продолжи со свечен ручек организиран во Клубот на пратеници, каде што разговорите помеѓу двете делегации продолжија во неформална, но срдечна и продуктивна атмосфера. Домаќин на ручекот беше вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците, г. Иван Стоилковиќ.

Официјалната посета на премиерот на Република Србија, Ѓуро Мацут, претставува важен чекор во насока на продлабочување на традиционално добрите и пријателски односи меѓу двете земји, засновани на меѓусебна почит, разбирање и заедничка заложба за стабилност, развој и просперитет на целиот регион.

Поврзани вести