Skip to main content

Османи: Во Чаир ќе прогласам вонредна состојба за нечистотија

Радикален пристап во справување со нечистотијата, најави денеска Бујар Османи, кандидатот за градоначалник на скопски Чаир од „Националната алијанса за интеграција“ (НАИ), посочувајќи дека токму хигиената е најголема рана на општината.


„Веднаш по преземањето на функцијата ќе прогласам вонредна состојба за нечистотија и ќе формирам кризен штаб, во кој ќе бидат вклучени општината, месните заедници, училиштата, приватни компании, па дури и верските заедници“, изјави Османи.

Тој најави и масовна операција за рачно и механичко чистење на Чаир, посочувајќи дека улиците на оваа општина никогаш досега не биле измиени. Ова, вели тој, не е само естетки проблем, туку и проблем за здравјето на сите граѓани, особено најмалите.

„Чаир е прогласен за најнечиста општина во Градот Скопје. Правта во Чаир не е измиена со години. А таа завршува во нежните бели дробови на нашите деца и предизвикува хронични болести со кои ќе се соочуваат во текот на својот живот. Оваа одговорност ја имам и како родител, но и како лекар“, рече Османи.


Најви дека во акцијата ќе се мијат и дезинфицираат сите улици, ќе се чисти секој парк и ќе се собира секое фрлено ѓубре низ општината.

„Ќе се чисти по реони. Секоја екипа ќе биде одговорна за една населба. Ќе се набават цистерни за миење и дезинфекција на улици, како и електрични и механички метли“, вели кандидатот за градоначалник од НАИ.

Според него ова не е само акција за чистење, туку и за создавање свест за заедничка одговорност за хигиената во општината.

„Кога граѓанинот ќе види дека неговиот сосед чисти улица заедно со него, потешко ќе фрли отпад. Така, постепено ќе изградиме култура на заедничка грижа за Чаир“, кажа Османи, ветувајќи дека за неколку месеци откако ќе стапи на функцијата, ќе го направи Чаир да биде најчиста општина во Градот Скопје.

Османи во својата програма планира формирање општинско јавно претпријатие за хигиена „Чист Чаир“, во кое ќе бидат вработени 120 лица, на кои главна работа ќе има биде одржување на чистотата. Препријатието ќе ја преземе и грижата за хигиената и за зачувување на верските и истоприските објекти во општината.

Поврзани вести