
Хамас и другите палестински фракции се наклонети кон прифаќање на планот на американкиот претседател Доналд Трамп за прекин на војната во Појасот Газа и ќе го презентираат одговорот на групата пред египетските и катарските медијатори во скоро време, изјавил за „CBS News“ извор близок до процесот.
Планот, кој Доналд Трамп го откри со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Белата куќа во понеделник, е предлог од 20 точки кој, доколку се усвои, повикува на брзо прекин на огнот во Појасот Газа, ослободување на сите преостанати заложници и голем број палестински затвореници во Израел, зголемена хуманитарна помош и, на крајот, префрлање на контролата врз територијата на привремена палестинска технократска администрација надгледувана од меѓународен „Совет за мир“ со кој претседава Трамп, се вели во извештајот на телевизијата.
Во документот се наведува дека „во рок од 72 часа од јавното прифаќање на овој договор од страна на Израел, сите заложници, живи и мртви, ќе бидат вратени“. Од телевизијата додаваат дека Нетанјаху„ очигледно јавно го прифатил договорот заедно со г-дин Трамп во понеделник“.

Поранешниот британски премиер Тони Блер исто така ќе биде член на „Советот за мир“, а планот предвидува Израел да обезбеди безбедност околу целиот периметар на Газа. Зборувајќи по средбата со Трамп во понеделник, Нетанјаху јасно стави до знаење дека израелските сили ќе останат „во поголемиот дел од Појасот“, барем додека не се вратат сите заложници.
Палестинската самоуправа, која администрира делови од Западниот Брег окупирани од Израел, издаде соопштение во кое го поддржува планот, кое го пренесе новинската агенција WAFA, поврзана со Палестинската самоуправа.
Во своето соопштение, Палестинската самоуправа ја нагласи важноста на своето партнерство со Соединетите Американски Држави во постигнувањето мир во регионот и ја потврди својата посветеност на одредени реформи, вклучително и „одржување претседателски и парламентарни избори во рок од една година од крајот на војната“.
Ја потврдивме нашата посветеност на модерна, демократска, демилитаризирана палестинска држава посветена на плурализмот и мирниот трансфер на власта“, се вели во соопштението.
Предлогот на Трамп не предвидува никаква директна улога за Палестинската самоуправа во управувањето со повоениот Појас Газа, но наведува дека организацијата на крајот ќе може „безбедно и ефикасно да ја врати контролата врз Појасот Газа“ по спроведувањето на низа реформи.