Skip to main content

Промоција на книгата „На иста адреса“ од Христина Деолска и Миле Ѓорѓијоски во „Прличевата одаја“ на НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид

Утре, четврток од 12 часот во „Прличевата одаја“ на НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид ќе биде промовирана книгата „На иста адреса“ од aвторите Христина Деолска и Миле Ѓорѓијоски. Се работи за заедничка книга во која на еден спонтан начин се запишани поетски и афористички дела на обата автори.

Ѓорѓијоски во предговорот на книгата ќе запише: На секоја песна од Деолска на следната страница, јас одговарам со афоризми. Книгата може да се доживее како разговор помеѓу поет и сатиричар, каде секој разговара на својот јазик. Во книгата има 39 песни и 195 афоризми. Христина на темата време ѝ приоѓа емотивно, тажно, рефлексивно, понекогаш навидум и со чувство на безнадежност. Од другата страна, јас со моите афоризми правам обид читателот да го вратам на земја, во реалниот свет. Тоа е свет кој не е баш најдобро место за живот, но може да се поднесе кога е обоен со иронија и сарказам, со сатиричен приод, после што ни останува насмевката, макар и горчлива, ќе запише еден од авторитте на ова необично дело и се чини прво во македонската литература Миле Ѓорѓијоски од Делчево.

Поетсата Деолска потенцира дека  „разговорот“ меѓу стиховите и афоризмите и двата жанра ги облагородува и уште еднаш ја покажува во целата своја величественост магијата на зборот. А фантазијата е неисцрпен бесконечен извор, особено под перата на оние кои живеат за литературата. Задоволството од конечниот облик кој го доби оваа книга е немерливо. И уште еднаш докажува дека уметноста не познава и не признава граници, додава таа.

Промоцијата ќе ја отвори директорката на Библиотеката Христина Трпеска а промотори ќе бидат новинарот и публицист и познат афористичар Витомир Долински и Милчо Јованоски, виш библиотекар, новинар и публицист.

Претходно утре ќе се одржи и Сатиричната работилница за  деца со Миле Ѓорѓијоски и Софија Ситновска  Наши гости ќе бидат ученици од ООУ „Св. Климент Охридски“

Тие слушаат афоризми и епиграми и инспирацијата од нив ќе треба да ја пренесат на цртежи.  Истовремено ќе има простор заедно да се запознаат со глаголицата како писмо и заедно со ментор да го напишат своето име и презиме на глаголица.

Поврзани вести