
Во среда, на 1 октомври во 20 часот, во Театарот за деца и младинци – Скопје ќе се изведе премиерата на новата младинска претстава „Челинџ“, авторско и режисерско дело на Јане Спасиќ.
На прв поглед, сè наликува на обична викенд-екскурзија – излез од градот, малку природа, малку тишина. Но кога еден од учениците исчезнува без трага, групата е втурната во лавиринт на сомнежи, паника и потиснати тајни. Додека возрасните се обидуваат да го „смират“ случајот, младите започнуваат сопствена, болна и неочекувано зрелa истрага – отворајќи прашања што одамна тлеат под површината на училишниот систем и семејната фасада.
„Челинџ“ е претстава што со храброст и емпатија навлегува во внатрешниот свет на младите – нивните борби со идентитетот, притисоците што не се гледаат, но се чувствуваат, насилството што често се нормализира и толерира, и тишината што станува соучесник. Истражувајќи ги тензиите меѓу ранливоста и очекувањата, таа проговорува за чувството на беспомошност во општество што ги гледа младите, но ретко ги слуша. Преку драмски јазик што го следи ритамот и естетиката на генерацијата З, „Челинџ“ ги разоткрива премолчените одговорности на возрасните – институционалната рамнодушност, симболичните иницијативи што повеќе служат за добар впечаток отколку за вистинска промена. Тие често само ја маскираат токсичноста на системот. Во исто време, младинскиот глас продолжува да се замолчува – токму тогаш кога најгласно бара да биде чуен. Претставата не нуди едноставни одговори – туку потсетува дека молкот честопати не значи мир туку продолжување на проблемот. И дека она што се нарекува „чување на редот“ понекогаш само го прикрива она што најмногу треба да се промени.
„Живееме во време кога поголемиот дел од растењето на нашите млади се случува пред екраните, а нивната вредност јавно се мери преку социјалните мрежи. Ние постарите тешко го разбираме овој свет и често го осудуваме, па поради тоа го губиме контактот со нив и со нивната реалност. Ваквата „комуникациска тишина“ ги остава младите сами да се снаоѓаат во своите најранливи години и во тој хаос неретко се доведуваат до ризични ситуации што можат да остават трајни белези и трауми“, вели авторот и режисерот Јане Спасиќ осврнувајќи се на претставата.
„Со оваа претстава сакав да отвориме дијалог и да им покажеме на младите дека театарот се обидува да ги слушне и дека пробува да ги разбере. За родителите и возрасните се надевам дека оваа претстава ќе биде прозорец кон светот на младите кој често изгледа неразбирлив и далечен, свет кој за нашите млади е дел од нивниот идентитет и достоинство“ – додава Спасиќ. Според него, „Челинџ“ од една страна е претстава за предизвикот пред сите нас – како да ја вратиме довербата и дијалогот меѓу генерациите. Но, „Челинџ“ пред сѐ е претстава за борбата на младите да ја вратат вербата во себе и да разберат дека можат да го направат ова општество подобро и поубаво место за живеење.
Во претставата настапуваат: Никола Наковски во улогата на Немања, Ангела Димитрова како Ина, Бојан Кирковски како Исток, Матеа Јанковска како Ана, Ненад Митевски како Трајко, Изабела Новотни како психологот Милица, Драган Довлев како директорот Аврамов и Ана Левајковиќ-Бошков во улогата на детективката Тања. Сценографијата е на Симе Атанасијевиќ, костимографијата на Илина Чолак, а дизајнот на плакатот го потпишува Матеја Николиќ.
„Челинџ“ не ги дава одговорите наместо младите – туку поставува прашања што одамна чекаат да бидат чуени. Претставата не нуди утеха туку поглед одблиску. Не ги разубавува работите туку ги нарекува со вистинското име. И токму затоа остава трага – затоа што го отвора просторот што на младите им припаѓа, но премногу често им се одзема: просторот да зборуваат. И да бидат сфатени сериозно.
Претставата трае 78 минути и е наменета за публика на возраст од 12+ години.