
Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски денес во срцето на Кисела Вода одржа прес – конференција.
Денес сме овде, во срцето на Кисела Вода, кај „Есенинова“, не само за да зборуваме за инфраструктура, туку за да зборуваме за иднината. За град кој дише, кој се движи, кој ги поврзува луѓето, а не ги блокира. За Скопје какво што го заслужуваме. Во рамки на втората фаза од проектот „Есенинова“, започнуваме со пробивање на улицата од „Чешма“ до „Шампионче“, со што директно ги поврзуваме улицата „Антон Панов“ и булеварот „Борис Трајковски“, кој исто така ќе биде довршен до Драчево. Оваа интервенција значи растеретување, побрз пристап, подобра мобилност за жителите на Кисела Вода – изјави Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека ова е само дел од пошироката мрежа на инфраструктурни решенија што ги предвидува за Скопје:
„Бутелска“ ќе се поврзе со булевар „Христијан Тодоровски Карпош“, во близина на обиколницата, со цел елиминирање на ризици и гужви.
Улицата „Лука Геров“ во Ѓорче ќе се поврзе со патот за „Економија“, обезбедувајќи безбеден премин преку пругата и интеграција на населбите Даме Груев и Стопански Двор.
Новата улица меѓу Хиподром и Општина Илинден ќе донесе брзина, безбедност и економски развој.
Улицата „Пролетна Офанзива“ ќе биде нова артерија што ги поврзува Гази Баба, Аеродром и Кисела Вода преку мост над Вардар и клучка кај Хиподром, во првата фаза со нејзина изградба во делот на општина Гази баба и проектирање за целосна нејзина изградба,
Улицата „Веле Марков“ во Ѓорче Петров ќе се поврзе со булевар „Македонска Војска“, растоварувајќи го локалниот метеж.
Улицата „Шарпланинска“ ќе ги поврзе жителите од населбата Даме Груев со главните коридори, со модерна инфраструктура и зеленило.
Улицата „Даме Груев“ во центарот на Скопје, ќе прерасне во булеварско решение, со правно и техничко решение за зградата на „Макотекс“ и модел за паркирање на жителите кои живеат во тој реон. Со еализација на овој булевар комплетно ќе го ослободиме центарот на Скопје од возила.
Таму каде што улиците веќе постојат, но се децениски запоставени, ќе се започне со реконструкција:
1.„Перо Наков“ во Гази Баба – индустриско срце на Скопје, конечно добива современа инфраструктура.
2.„Фрањо Клуз“ во Аеродром конечно ќе биде реконструирана за безбедно и современо движење.
3.Улицата „Стар Качанички пат“ клучен за развојот на Економската зона Визбегово и за целата државна економија ќе биде целосно реконструирана.
4.Улицата „101“ во Волково – решавање на пристапот до железничката станица и урбано достоинство.
5.Улицата „Загребска“ – главна артерија до Детската болница „Козле“, со значење за итни медицински интервенции ќе биде реконструирана.
6.„Бутелска“ и „Радишанска“ – од Расадник до Радишани, со нов асфалт, дренажа, осветлување и сигурен пристап до домови, училишта и здравствени установи.
Ова не се само улици. Ова се решенија. Ова е нашата заложба за град што не губи време во застои, туку добива време за живот. За град што не се распаѓа, туку се обновува. За град што не ги заборава своите граѓани, туку ги поврзува. За град кои сите општини имаат рамномерен развој – изјави Ѓорѓиевски.
Тој додаде сека секој метар нова улица значи минута помалку во гужва. Секој реконструиран тротоар значи поголема безбедност. Секој поврзан кварт значи подобар пристап до училишта, болници, работни места. Ова е нашата визија. Ова е нашата програма. Ова е нашата заложба.
Во таа насока, очекувам да ја продолжиме и продлабочиме соработката со Министерството за транспорт и министерот Александар Николовски кој е денес тука заедно со мене. Со нив започнавме успешни проекти во Кисела Вода, еве денеска заеднички бевме на увид на реконструкцијата на улицата „Ѓорѓи Димитров“, а веќе се реализираат и 13 други капитални проекти за кои Кисела Вода аплицираше и доби средства од Владата. Да продолжиме заедно, чекор по чекор, улица по улица кон Скопје што го заслужуваме – потенцира Орце Ѓорѓиевски, кандидат за градоначалник на Град Скопје.