Skip to main content

Македонија е меѓу европските лидери по раст на платите – плус 10,5 насто за една година

Недостигот на работна сила и притисокот на инфлацијата ги натера македонските компании значително да ги зголемат платите на своите вработени, со што Македонија се најде меѓу топ земјите во Европа според растот на просечната нето-плата во последната година. Официјалната статистика измери дека просечната нето-плата во земјава во јули годинава е повисока за 10,5 насто споредено со јули минатата година, а изнесува 45.276 денари, анализира pari.mk

Во некои сектори, како на пример во административните и помошните услужни дејности, платите се зголемени за дури 16,5 насто, во образованието за 15,0 насто, а во здравството и социјалната заштита за 14,8 насто. Овој раст најмногу го повлече нагоре и нивото на просечната плата.

Со овие бројки, врз кои се базира анализата на Пари, Македонија се најде високо на ранг-листата на европските земји, дури и во конкуренција на земјите членки на ЕУ. Споредено со државите од ЕУ, плус Албанија и Федерацијата БиХ, Македонија е на високото 6. место.

Во јули, Евростат измери најголем раст на просечната плата во Бугарија, од 13,4 насто. Следува Унгарија со 11,0 насто. Веднаш зад овие две земји членки на ЕУ е Македонија, со раст на просечната плата од 10,5 насто.

Во Регионот, најголем раст на платите е измерен во Федерацијата БиХ, каде изнесува 12,3 насто. Потоа доаѓа Албанија, со раст на просечната плата од 11,7 насто. За Србија сè уште нема податок за јули, а во јуни платите беа зголемени за 11,8 насто за една година.

Целиот текст тука

Поврзани вести