Skip to main content

„Танец“ со настап во Валпово ја почна балканската турнеја

Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“ одржа концерт во Валпово, Хрватска, со кој официјално ја започна својата балканска турнеја. Настапот, кој се одржа пред целосно исполнета сала, наиде на огромен ентузијазам и долготраен аплауз, поставувајќи висок стандард за сите претстојни концерти, соопштуваат од „Танец“.

Публиката имаше можност да ужива во богатата програма која ги прикажа кореографиите и музиката од различни региони на Македонија. Виртуозните изведби, автентичните носии и енергијата на сите врвни уметници ја воодушевија публиката, пренесувајќи ја магијата на македонскиот фолклор.

Овој успешен почеток во Валпово е најдобра потврда за значењето на „Танец“ како амбасадор на македонската култура. Ансамблот продолжува да ги воодушевува гледачите низ светот, а нивната балканска турнеја ветува уште многу незаборавни моменти. Следната дестинација на „Танец“ е во Крањ, Република Словенија на 26.09.2025 година, во Прешерново гледалишче Крањ, каде што се очекува уште еден спектакуларен концерт, наведуваат од Танец.

Поврзани вести