
Годинашното, јубилејно десетто издание на Интернационалниот филмски фестивал „КинеНова“ ќе биде отворено со документарниот филм „Загубениот Тим од соништата“ на хрватскиот сценарист и режисер Јуре Павловиќ. Се работи за приказната за фантастичната генерација на југословенската кошарка, која во 1991 година во Рим го освои своето последно злато, токму во моментите кога земјата се распаѓаше. Во филмот со свое гледиште настапува златната генерација на која и’ припаѓаа Дивац, Кукоч, Паспаљ, Раѓа и останатите ведети на југословенската кошарка, која за жал, не го оставри сонот да се сретне со првиот „Дрим тим“ од НБА лигата на Олимписките игри во Барселона во 1992 година, како можен и посакуван „судар на титаните“
Во филмот имате еден авторски момент кој е многу допадлив – тие неколку секунди кај интервјуираните, кога не зборуваат, туку молчат, на нивните лица гледаме емоции, кои кажуваат многу повеќе од она што претходно или потоа го кажале. Дали тоа ви беше однапред планиран авторски елемент, или се наметна подоцна, во монтажата?
На некој начин беше планиран, но всушност до полн израз дојде во монтажата. Од почетокот знаев дека нивните несвесни гестови и тишината се еднакво битни како и кажаните зборови, а во монтажата само требаше да најдеме вистинска мерка во таа постапка, што не беше баш лесно.
Како автор, што повеќе ве допре: силната емоција на другарство која толку сочно ја искажаа во филмот овие спортски легенди, и покрај растечкиот национален набој, или онаа емоција со која сакаа да застанат на врвот од спортскиот пантеон, сепак губејќи ја шансата поради политичките перипетии?
Повеќе ме допре емоцијата на другарството, бидејќи во неа има нешто толку вистинско и силно. Пријателставата што се градени во младоста не можат да бидат замолкнати поради националните тензии. Тоа ни покажува дека на крајот сите ние сме само мали и беспомошни штрафчиња пред националистичките ѕверови и големите историски настани.
Дали сметате дека оваа приказна, која очигледно има универзална порака – неостварување на сонот на врвни спортисти да заиграат против најдобриот НБА тим на сите времиња, откако нивната земја ќе се распадне – ќе биде препознаена од светската публика, кога веќе знаеме и сме и повеќе од сигурни дека во регионов ќе предизвика големо внимание?
Сигурен сум дека насекаде ќе предизвика внимание, бидејќи веќе на првите проекции во регионот, на кои присуствуваа и многу странци, сфативме и увидовме дека приказната емоционално ги погодува луѓето од различни страни на светот, дури и оние кои не знаат ништо за кошарката, ниту истата ја следат. Филмот си има универзална емоција со која луѓето лесно се поистоветуваат. Јас сум автор кој се труди да работи на теми што смета дека се важни, и во таа смисла не реализирам филмови кои се калулирани со цел да им се допаднат на одредени фестивали. Од друга страна, пак, глобалниот пазар е презаситен со разно-разни спортски приказни, некои од нив и со глобално поактуелни имиња, така што ќе треба да се работи на случајот овој филм да се позиционира и да си го пронајде своето место под сонцето, притоа не сомневајќи се во неговиот квалитет и во тимот кој стои зад него.

Дали сметаш дека твојот филм ја поседува таа моќ да ги натера луѓето од регионот на размислување за едно ново заедништво, макар и како слободни луѓе?
Мислам дека сите ние треба да бидеме отворени кон луѓето од другите држави, многу повеќе трудејќи се околу заедничката соработка и позитивните вредности што произлегуваат од неа, бидејќи на тој начин ќе биде подобро за сите нас. И не мислам дека треба да се ограничиме само на земјите од поранешните Ју-простори, иако факт е дека многу нешта не’ поврзуваат, од сличните јазици до заедничкото минато. Мислам дека филмот ја има таа моќ да ги натера новите генерации да размислат што им носи добро, вртејќи се кон позитивните вредности. Почитување, уважување, соработка и пријателство – тоа се вистинските нешта околу кои сите треба да се потрудиме да станат нормални нешта во нашите општества.