
Највисокото признание на 33. издание на фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“, награда за највисоко актерско остварување, ја доби Биљана Драгиќевиќ Пројковска за улогата Корин Фел во претставата „Гидионовиот јазол“ во продукција на Драмски театар Скопје.
Жири-комисијата на 33. издание на Меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“ во состав: Лео Долорес Поповиќ, актер, како претседател на жири-комисијата, и Анастас Попдимитров, актер и режисер, и Иван Додовски, универзитетски професор и драмски автор – како членови на жири-комисијата, одгледа 12 претстави селектирани во конкуренција за единствената награда за највисоко актерско остварување што го носи името на големиот македонски актер Ристо Шишков.
Во одлуката на жири комисијата се вели:
Во улогата на Корин Фел, мајка што трага по одговори за смртта на својот син, Биљана Драгиќевиќ Пројковска покажува фасцинантна доследност и суптилна самоконтрола во водењето на ликот, остварувајќи моќна и осмислена улога“.
„Гидионовиот јазол“ на режисерката Драгана Милошевски Попова е претставата работена по текст на авторката Џона Адамс. Драматург на претставата е Викторија Рангелова – Петровска.
Улогите ги играат актерите: Биљана Драгиќевиќ Пројковска, Ања Митиќ и децата од Студиото за актерска игра „Прва проба“: Саша Димитриевска, Леа Стојков, Мина Ѓаку, Ина Прокоповска, Катја Бешлиева, Бистра Стефановска, Јана Нешевска, Матеј Марковски, Јоанис Далајоргос.
Режисерка Драгана Милошевски Попова во програмската белешка истакнува дека: „Претставата „Гидионовиот јазол“ е моќна и вознемирувачка приказна за вината, одговорноста, тагата и сложениот однос во комуникацијата, како и состојбите во образовниот систем, проблемите со кои се соочува детето низ периодот на детството. На училишна средба меѓу мајката Корин и наставничката Хедер, кој се случува по еден трагичен настан, преку деликатен, емотивно исполнет/напнат дијалог, се отвораат прашањата за детската креативност, слободата на изразување, за уметноста, за одговорноста на наставниците и за родителите, за социјалните мрежи, за врсничкото насилство, за осаменоста, преку кои постепено се разоткрива длабоката болка и се бара, па и се посочува можниот виновник“.
Авторката Џона Адамс е претставничка на новата генерација американски драмски автори. Таа е авторка на 20 драмски текстови во кои драмската структура ја гради преку исклучително јаки и богато нијансирани карактери и ги поставува во сложени меѓусебни психолошки ситуации. Друштвото на американските театарски критичари ѝ ја доделува наградата „Стинберг“ (Steinberg Award) за делото „Гидионовиот јазол“.
Премиерата на претставата „Гидионовиот јазол“ беше во мај годинава. Поради универзалноста и актуелноста на темата во денешниот современиот и динамичен живот, претставата е одлично примена кај публиката на матичната сцена во Драмски, но забележителен успех постигна и на гостувањето во Сараево во рамките на РУТА фестивалот во мај годинава.