Skip to main content

Алиу: Дигитализацијата е еден од клучните столбови за подобар здравствен систем –  „Мој Термин“ и „Мое Здравје“ ќе добијат моќни надградби

Министерот за здравство, Азир Алиу, се обрати на свеченото отворање на 21-от Конгрес на лекари на Македонија, кој традиционално го организира Македонското лекарско друштво и важи за најголем медицински собир во земјава со околу 600 учесници и многу еминентни предавачи од нашата држава и странство.
Во своето обраќање, министерот Алиу посебно се осврна на дигиталното здравство и дигитализацијата како еден од клучните столбови за унапредување на здравствената заштита и системот во целост.

– Во рамки на севкупната стратегија за дигитализација и оптимизација на здравствениот систем, веќе најавивме и ново софтверско решение, како апликација, кое ќе ја олесни комуникацијата и движењето на пациентот низ здравствениот систем. Целта е апликацијата да овозможи пациентот во секое време да внесе здравствени индикатори, врз основа на кои матичниот лекар или специјалист ќе може веднаш да реагира – со менување на терапијата или давање препораки за натамошно лекување, односно ако системот детектира вредности надвор од нормалата, автоматски ќе алармира, истакна во обраќањето министерот Алиу.

– Нашата цел е едноставни и практични решенија што ќе носат директна корист за пациентите: полесен пристап до податоци, навремени информации и сигурност дека нивните податоци се заштитени. Системот „Мој Термин“, апликацијата „Мое Здравје“ и идните национални мрежи за радиологија и телемедицина се чекор напред во таа насока. Верувам дека со зголемување на интероперабилноста, анализа на податоци и примена на нови технологии ќе создадеме поефикасен и поправеден здравствен систем – изјави министерот Алиу.

Воедно, тој посочи дека ваквите конгреси претставуваат извонредна можност за размена на знаења и искуства меѓу многубројните експерти, а со својата стручна експертиза придонесуваат кон подигнување на нивото на медицинската наука и практика.
На 21- от Конгрес на лекари на Македонија свое обраќање имаше и претседателот на Македонското лекарско друштво, д-р Горан Димитров.

– Македонското лекарско друштво оваа година го прославува 80-годишниот јубилеј и е најстарo професионалнo здружениe во земјава кoe ги обединува сите лекари. Особено значаен сегмент во нашата работа е континуираната медицинска едукација со организирање стручни предавања, како и придонесот во создавањето и модифицирањето на медицинските протоколи во различни специјалности – истакна д-р Димитров.

Поврзани вести