
Претставата „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна или Туѓото го сакаме – своето не го даваме“ во режија на Иван Пеновиќ, по текст на Душан Јовановиќ се игра во Скопје на 23 октомври во 20 часот. Претставата е четирипартитна копродукција на НУ Драмски театар Скопје, Белградското драмско позориште, Местното гледалишче Љубљанско и продукцијата на „Град театар“ Будва.
Премиерата на „Плејбои…“ беше на 10 август во рамките на фестивалот „Град театар“ Будва, каде што имаше 4 изведби. Играњето на летните сцени продолжи со учеството во драмската програма на фестивалот „Охридско лето“, а последната фестивалска изведба беше на Бриони во рамките на фестивалот РУТА. Заедничка констатација од досегашните гостувања е задоволството на публиката и уживањето во маестралната изведба на традиционалната форма на комедија дел арте на режисерот Иван Пеновиќ.
Во копродокциската претставата играат актерите од четирите уметнички куќи од регионот: Лазар Христов, Јулита Кропец, Марко Гверо, Соња Стамболџиоска, Лазар Николиќ, Вукашин Јовановиќ, Нејц Језерник, Марјан Наумов и Јована Спасиќ.
За значењето на успешната реализација на оваа копродукција директорот на Драмски театар Роберт Вељановски вели:
Нашата сатисфакција е повеќеслојна. Сите четири институции што застанаа зад овој проект, што наназад 2-3 години тлееше како идеја на хартија во рамките на Регионалната унија на театри – РУТА, се реализираше со оваа претстава. Станува збор за прва четирипартитна копродукција. Сега со сигурност можеме да кажеме и пред самите себе си и пред нашата публика во регионот, дека сме кадарни и дека нашите театри се на исклучително високо рамниште, дека квалитетот, ентузијазмот и уметничкиот порив за творење и надвор од рамките на нашите матични театри е силно изразен кај сите нас“. Вељановски додава дека: „Во целиот процес на работење на претставата се чувствуваше довербата „на сите во секого“. По неколкуте први проби, актерите функционираа како еден ансамбл. Она што мене ме прави горд е што претставата се подготви во Скопје и во неа учествува помошно-техничкиот персонал на Драмскиот театар. Во овие услови кога театарот како објект не располага со опрема на завидно ниво, нашите луѓе, актерите, уметничкиот тим, техничарите на светло и звук, декоратерите, столари, како и нашите вработени шивачи, гардеробери, луѓето задолжени за театарска шминка и фризура, сите до еден се исклучителни професионалци и подготвени да ги исполнат високите естетски критериуми на оваа регионална копродукција“- заклучува Вељановски.
Покрај Иван Пеновиќ, авторскиот тим го сочинуваат и Соња Должан (превод), Лазе Трипков (сценографија), Александар Ношпал (костимографија), Владимир Пејковиќ (композиција) и Дамир Клемениќ (сценско движење).
За претставата „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна или Туѓото го сакаме – своето не го даваме“ што ќе се игра на 23 октомври билетите се пуштени во он лине продажба на karti.mk и на билетарницата на театарот.