Skip to main content

Претставата „На чија страна“ и монодрамата „Земја на волците“ во продукција на Театарот „Улисис“ на вториот ден на РУТА во Скопје

Претставата „На чија страна“ и монодрамата „Земја на волците“ во продукција на Театарот „Улисис“ денеска ќе бидат изведена на вториот ден на Фестивалот „РУТА“ кој се одржува во Драмски театар Скопје и на сцената на Факултетот за драмски уметности (ФДУ).

Режисерка на „На чија страна“ е Ленка Удовички, а претставата е копродукција помеѓу Театар „Улисис“ од Бриони и Сараевскиот ратни театар САРТР. Претставата е во 20 часот на големата сцена „Ристо Стефановски“ во Драмски. Автор на текстот е Роналд Харвуд. „На чија страна“ е драма за одговорноста на уметникот, за моралните компромиси и за границата меѓу уметноста и политиката. Но, пред сè, таа е вознемирувачко преиспитување на човечката потреба да се оправда сопствениот избор во време кога секој избор има последици. Берлин, 1946 година. Канцеларијата на мајорот Арнолд „е остров опкружен со урнатините на градот срамнет со земја од сојузничките бомби“. Пред истражителот во процесот на денацификација стои Вилхелм Фуртвенглер, еден од најголемите диригенти на XX век. Меѓу нив нема едноставна вистина.

Играат: Озрен Грабариќ, Матеа Маврак, Џана Џаниќ, Албан Укај, Давор Сабо, Светозар Цветковиќ и виолончелистка Белма Алиќ. Претставата трае 2 часа и 35 мин.

Претходно од 17 часот, во рамките на програмата „МоноРУТА“, Театар „Улисис“ ќе настапи со монодрамата „Земја на волците“ на авторките Тонка Мршиќ и Гала Николиќ, а во режија на Николиќ.

Монодрамата „Земја на волците“ е авторски текст на Тонка Мршиќ и Гала Николиќ. Жанровски, наликува на црна комедија со елементи на апсурд, а настана од потребата да се запрашаме што значи да се биде жена во мала заедница како Лика? Што значи да се биде жена во Хрватска? Претставата се занимава со општествените норми, пред сè на Лика или на која било друга мала заедница, кои влијаат врз судбините на три Личанки во различни животни периоди. Преку три различни карактери, авторките зборуваат за нашето патријархално општество, традиционализмот, положбата на жената во бракот, изборот, осаменоста, последиците од војната и неможноста поединецот да излезе од прангите на реченицата: „А што ќе речат луѓето?“

Претставата е проткаена со автобиографски елементи и трае еден час.

Поврзани вести