Skip to main content

НАСА ги отстранува Кинезите од своите програми

Facebook / NASA - National Aeronautics and Space Administration
Facebook / NASA - National Aeronautics and Space

Американската Национална воздухопловно-вселенска администрација – НАСА почна со спроведување на забраната за кинеските граѓани да работат на нејзините програми, дури и за оние со важечки визи, пишува „Гардијан“ (The Guardian). Тоа дополнително ја засилува и заострува вселенската трка меѓу САД и Кина.

Оваа промена на политиката на НАСА, за којашто првпат објави „Блумберг њуз“ (Bloomberg News), беше потврдена од самата агенција.

– НАСА презеде внатрешни мерки поврзани со кинеските државјани, вклучително и ограничување на физичкиот пристап и кибер-пристапот до нашите објекти, материјали и мрежата, за да се обезбеди безбедноста на нашите операции, изјави портпаролката Бетани Стивенс вчера.

Според наводите, на кинеските државјани претходно им беше дозволено да работат како надворешни соработници или студенти кои придонесуваат во истражувањата, но не можеа да бидат вработени трајно. Сепак, таа состојба драстично се промени на 5 септември, кога неколку лица, зборувајќи под услов на анонимност, потврдија дека одеднаш им е одбиен пристап до ИТ-системите и им е забрането да учествуваат на состаноци.

Одлуката доаѓа во услови на зголемена антикинеска реторика од страна на Администрацијата на претседателот Доналд Трамп, додека САД и Кина се натпреваруваат за првото современо испраќаер човечки екипаж на Месечината. Американската програма „Артемис“ – наследничка на легендарната „Аполо“, има за цел слетување на нашиот природен сателит во 2027 година, но се соочи со пречекорување на трошоците и значителни одложувања.

Од друга страна, Кина планира да ги спушти своите тн. „таиконаути“ на Месечината до 2030. и досега Кинезите се многу поуспешни во исполнувањето на своите рокови.

– Во мигов сме во втора вселенска трка, истакна вршителот на должноста администратор на НАСА, Шон Дафи. – Кинезите сакаат да се вратат на Месечината пред нас. Тоа нема да се случи. Америка во минатото беше водечка во Вселената, па ние ќе продолжиме и во иднина да бидеме водечки во Вселената, додаде тој.

Покрај Месечината, Кина се стреми да стане првата земја што ќе врати примероци од површината на Марс, со роботска мисија во 2028. и враќање на Земјата веќе во 2031 година. Во истовреме, Администрацијата на Трамп во својот предлог за буџетот сигнализираше дека има намера да ја откаже планираната мисија „Враќање на примероци од Марс“ – заеднички проект со Европската вселенска агенција – ЕСА, посочувајќи дека наместо тоа, задачата би можела да ја изврши мисија со екипаж, но без да даде конкретни подробности.

Поврзани вести