
Дела од ликовниот уметник Мирослав Масин, беа претставени на синоќешното отварање на негова самостојна изложба во Музеј – галеријата во Кавадарци, во рамките на традиционалната стопанско – туристичка и културна манифестација „Тиквешки гроздобер 2025“.
Директорот на Музејот, Јаким Зимоски рече за Масин дека е слободен уметник, кој својот живот го има дадено на уметноста. Зимоски изрази задоволство што овде ќе можат да се видат неговите уметнички дела и се заблагодари на авторот, како и на локалната самоуправа за поддршката што ја дава кон оваа културна установа.
Трајче Цветков, виш кустос историчар на уметност во Музејот, рече дека Масин е еден исклучителен сликар, кој со своите архетипи и метафори внесе нова димензија и одигра важна улога во редефинирањето на македонската ликовна сцена во деведесеттите години од минатиот век.
Автор, кој со својот уникатен стил навистина тешко можеме да го споредиме со друг автор. Сликар кој не трпи клишеа и строг континуитет во своето творештво. Тој ни се претставува со 14 дела од својот омилен циклус посветен на птиците, во кој Масин изгради свој уникатен визуелен јазик со кој ја истражува човечката психологија, апсурдот на постоењето, колективната меморија и копнежот по слободата, рече Цветков.
Притоа, додаде дека како еден сликарски алхемичар, Масин ја преобразува и формата и бојата во сосема нова димензија. Птицата, рече, како еден од најмоќните симболи во уметноста е присутна и на неговите платна, но, тој ѝ дава лична улога.
Тие не се реалистични суштества, тоа се негови визии во боја и емоционални облици. Масин во неговите платна создава простор каде бојата станува мисла, линијата желба, а сликарството вечна можност, за човекот да се издигне над своето секојдневие и единствен простор, каде може вистински да се биде слободен. Дозволете ми да ја изразам мојата длабока благодарност до авторот, кој со својата визија и енергија ни овозможи да бидеме дел од овој возвишен чин на уметноста, подвлече Цветков.
Пред присутните се обрати и самиот автор, изразувајќи задоволство од соработката со Музејот и гостувањето во Кавадарци.