
Со изложба на фотографии од реализирани настани, поставена во Градскиот парк во Кочани, завршија активностите наменети за млади од програмата „Лето во друштво“.Настанот синоќа финишираше со ритуал во сеќавање на починатите во несреќата од 16. март.
Ниедна помош во овој период нема толку силно значење како што е оваа, од Центарот за психосоцијална и кризна акција „Малинска“, кој претходните две недели им се посвети на младите и на нивното закрепнување по трагедијата што ни се случи во Кочани. Нашиот главен фокус е кон луѓето, нашите напори се насочени кон младите, на кои им треба креативно канализирање на нивната енергија, рече пред присутните в. д. градоначалникот Венко Крстевски.
Изразувајќи благодарност кон сите учесници на настаните и на волонтери од Локалниот младински совет – Кочани, претставниците на „Малинска“ им доделија сертификати.
Лина Ќостарова-Унковска, директорката на Центарот за психосоцијална и кризна акција „Малинска“, истакна дека замислата на програмата „Лето во друштво“ е поврзувањето на луѓето, поддршка во процесот на заздравување со настојување тагата по загубените во трагедијата да се трансформира во надеж.
Настанот во Градскиот парк заврши со ритуал во сеќавање на починатите во несреќата.