Skip to main content

Параглајдерист во бессознание со хеликоптер се пренесува во Скопје по тежок пад во Крушево

ЦУК архива

Денеска кај Мечкин Камен, Крушево, се случија два одделни инцидента со параглајдеристи, информираше предмалку директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамед Али.

Како што сподели Али, во првиот случај, параглајдерист при индивидуален самостоен лет и при обид за приземјување се закачил на дрво високо околу пет метри и не може безбедно да биде спуштен на земја. Веднаш е извршена координација со Дирекцијата за заштита и спасување со цел упатување на соодветен специјализиран тим за спасување на локацијата.

Во вториот случај, во истата област, друг параглајдерист при лет паднал и здобил тешки телесни повреди, со обилно крварење и состојба на бесознание, потврдено од страна на лекарската екипа која е веќе присутна. Поради сериозноста на повредите, побаран е итен медицински транспорт со воздухоплов до Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје за понатамошно лекување.

Центарот за управување со кризи, во координација со Министерството за внатрешни работи, побара хеликоптерот Бел 412, кој беше ангажиран на гаснење пожар во подрачјето Јасен, да биде веднаш преусмерен кон Мечкин Камен – Крушево. Хеликоптерот е во движење кон локацијата и се преземаат сите неопходни мерки за брза и безбедна интервенција. ЦУК апелира до сите учесници во спортот на параглајдерство да ги почитуваат безбедносните протоколи и да бидат максимално внимателни при изведување на летови, порача директорот на ЦУК.

Поврзани вести