
Денеска за пожарите се ангажирани и продолжуваат да интервенираат 4.850 пожарникари, додека 62 воздушни средства интервенираа до последната светлина на денот. Потребно беше да се испратат 34 пораки од бројот 112 за безбедна евакуација на граѓаните во Кефалонија, Закинтос, Арта, Превеза, Воница, Етолико, Солун, Хиос и Ахаја, информираше доцна вечерва портпаролот на противпожарната служба на Грција Василис Ватракојанис, јави дописничката на МИА од Атина.
Вечерва, пожарникарите во Грција се справуваат со големи шумски пожари на грчкиот остров Хиос, во регионот Ахаија на Пелопонез во околината на градот Патра, во северозападен Пелопонез, на Закинтос и во близина на Превеза.
Според Ватракојанис во изминатите 48 часа во земјата имало 152 нови шумски пожари, а паралелно детално информираше и за оперативната подготвеност на инволвираните служби/
Генералштабот на националната одбрана помага со 445 лица и 12 возила, а за безбедна евакуација на граѓаните стави на располагање 11 автобуси и 16 чамци на специјалните сили.
Грчката полиција распоредила 315 полицајци со 135 возила, како за евакуација и транспорт на граѓани, така и за регулирање на сообраќајот.
Крајбрежната служба помага со седум пловни средства на Хиос, како и приватни чамци, со кои 54 лица биле евакуирани и пренесени на безбедни локации, а во областа Ахаја се ангажирани дополнително три пловни средства, што се во состојба на готовност.
Исто така, возила на брзата помош се распределени во близината на активните жаришта.
– Вложуваме максимални напори да се справиме со сите активни пожари, со сите средства што ни се на располагање. Во овој напор, бараме соработка од граѓаните и во исто време упатуваме апел, пред сè, за безбедноста на сите, строго да се следат упатствата на надлежните. Според прогнозите на експертите, ситуацијата ќе стане уште потешка во следните денови, па затоа потребно е сите да бидеме особено внимателни, порача Ватракојанис.