Skip to main content

Каде се печатите и документите од училиштето во Демир Хисар?! Началникот сменет, се преземаат мерки за директорката

Freepik

Началникот кој постапил надвор од овластувањата за време на претрес во Демир Хисар, е суспедниран односно сменет, вели премиерот Христијан Мицкоски.

Според Мицкоски доколку има пречекорувања кои имаат и кривична одговорност ќе има и други мерки. Вели дека нема повластени, туку секој кој ќе згреши ќе си сноси одговорност. Но, нагласува и дека треба да се констатира и да се преземат и мерки за директорката, за која од страна на ДПИ, се констатирани големи неправилности поради кои е и разрешена. Мицкоски потенцираше дека некој треба да даде одговор во јавноста за исчезнувањето на печатите и документи од училиштето.

-Овој случај лично го следев деновиве од блиску. МВР реагираше како што реагираше. Началникот којшто постапува надвор од овластувањата е суспендиран, односно сменет. И тоа е тоа што може да го констатира во овој момент внатрешната истрага и процедурите на МВР. Доколку има пречекорувања коишто имаат и кривична одговорност, се разбира, и тоа ќе се случи. Нема да има повластени не е ова ВМРО, не е ова СДСМ и ДУИ, ова е Влада во која што ВМРО ДПМНЕ е на стрната на граѓаните. И мора секој оној којшто ќе се огреши, без разлика од каде е, да сноси последици за тоа го што направил, изјави Мицкоски.

Тој вели дека вториот дел од вистина, која што за жал никој не ја пренел, е фактот дека во работењето на директорката, од страна на ДПИ, се констатирани големи неправилности финансиски, но и друг тип.

-И тоа е причината зошто таа добива решение за да биде променета. Главното прашање кое што треба да и се каже на јавноста, на која што таа треба да одговори е, зошто ги снемува печатите и дел од документите во училиштето по нејзината смена. Тоа е суштината. Тоа што тој началник постапил надвор од овластувањата, и спротивно на ЗКП тој ќе си сноси последици. Но, суштината е зошто никој не го коментира работењето на сменетата директорка, и зошто никој не го коментира во јавноста исчезнувањето на печатите и документи од училиштето, рече Мицкоски.

Со ова додаде треба да се позанимава Обвинителството, но за ова треба сите ние јавно да дискутираме.

-Зарем ова ќе го замолчиме, девијантно однесување каде што постои основано сомневање за сторен криминал и ќе се фокусираме на ова. Еве ја затворам темата. Тој којшто постапил од правилникот сноси последици. Ајде сега за ова да видиме за суштината. Затоа што ако амнестираме ваков директор којшто работи спротивно на закон, и за кој што постои основано сомневање за сторен криминал, тогаш имаме ние проблем. Тогаш имаме сите ние проблем, рече Мицкоски.

Неодамна во јавноста излезе видео снимка од претрес на директорна на училиште во Демир Хисар. По ова МВР ја информира јавноста дека Одделот за внатрешна контрола по извршени проверки во врска со објавеното видео за време на претрес во Демир Хисар, констатирал непрофесионално и неетично однесување на началник во ОВР Демир Хисар. За лицето била покрената дисциплинска постапка.

Во соопштението на полицијата се вели дека со цел целосна непристрасност и објективност на истрагата, наведениот началник ќе биде разрешен од функцијата.

Претходно МВР соопшти дека на 08.08.2025, по претходна пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело по член 390 од Кривичниот законик – „Одземање или уништување службен печат или спис“ врз основа на наредба од Основен суд Битола, во периодот од 19:25 до 20:20 часот, полициски службеници од Надворешната канцеларија за криминалистички работи Демир Хисар, во присуство на адвокат, извршиле претрес во домот на М.Л. (57) од Демир Хисар. Исто така, со судска наредба, во периодот од 20:45 до 21:30 часот бил извршен претрес и во службените простории во средно училиште кои ги користи М.Л.

Поврзани вести