
Јубилејното 20. издание на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“ се одржува во Струмица од 4 до 8 август, под мотото „Филмски крстопати“, со разновидна и интересна програмска селекција. Oваа година лауреат на престижната награда „Астер“ за највисоки достигнувања во светскиот и македонскиот филм е режисерот и сценарист Милчо Манчевски.
Ме радува наградата на „Астерфест“. Фала ви, луѓе. Уметноста се прави за да се допре срцето на другиот. Се надевам дека она што го правам со години ве допира и создава нови чувства. Многу поздрав од снимањето на „Збогум, Копакабано“, изјавил Манчевски.
Милчо Манчевски е еден од најеминентните македонски и светски филмаџии. Според критичарите, неговиот славен филм „Пред дождот“ е еден од најуспешните дебитантски играни филмови во историјата на кинематографијата. „Њујорк тајмс“ го вброи во својата листа „Најдобрите 1.000 филмови направени некогаш“. Манчевски го освои „Златниот лав“ во Венеција, наградата „Индепендент спирит“, номинација за Оскар, а се смета за најтрофеен македонски филмски режисер. Делата на Манчевски се дел од наставните програми на бројни универзитети, предмет се на многу есеи и книги и повод се за дискусии на голем број конференции. Покрај тоа што е автор на седум играни филма, имал три самостојни изложби на фотографии, објавувал проза, есеи, книги со фотографии и има поставувано уметнички перформанси.