
Правиме силни напори да ги обезбедиме истите образовни асистенти да работат со истите деца и оваа учебна година и Министерството за образование и наука прибира податоци од училиштата за тоа кои деца работеле со кои асистенти, но сепак, треба да бидат остварени неколку услови – детето да има потреба од асистент и понатаму, како и родителите да бидат задоволни од тој асистент, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска во гостување на „Вести плус“ на Канал 5 телевизија.
На прашање дали постои можност оној образовен асистент којшто се пријавил минатата година да му биде доделен на истото дете кое што и оваа година има потреба од образовен асистент, Јаневска вели Министерството се труди да ги исполни условите и да ги прибере податоците од училиштата, посочувајќи конкретен случај каде што дете од деветто одделение преминало во прва година гимназиско училиште, но училиштето не го информирало МОН.
Оваа година максимално се трудиме да ги исполниме овие услови. Имавме случај каде што дете од 9-то одделение преминува во прва година гимназиско училиште, а училиштето не нѐ информираше дека детето е запишано во одредено средно училиште, по што направивме направивме напори и разбравме, рече Јаневска.
Во врска со вработувањето образовните асистенти на неопределено во училиштата, Јаневска рече дека сѐ уште нема таква можност, но, вели, асистентите кои работеле со години со деца со попреченост треба да имаат стабилност, затоа, нагласи, Министерството бара начин да им се обезбеди континуитет преку уредување на подзаконски акти кои би важеле од следната година.
Лично сметам дека треба да се најде решение за асистентите, сѐ уште тврдам дека немаме можност редовно да ги вработиме, но секако асистенти кои работеле со години со деца со попреченост или асистенти кои имаат долгогодишно искуство треба да имаат некаква стабилност и некако во подзаконски акти ќе бараме начин оваа година за следната да важат да им овозможиме континуитет на работата. Го разбирам стравот дека секој момент можат да останат без работа, но повеќе ги разбирам родителите и децата кои се фамилијаризираат со асистентот со цел да се постигне поголем успех кај децата, рече Јаневска.
Таа ги повика образовните асистенти да се пријават на двата конкурси кои се објавени во моментов за две средни училишта во државата. Конкурсот, нагласи, се објавува по втор пат, бидејќи, како што рече, не се пријавиле доволен број на асистенти првиот пат.
Во овој момент има објавени конкурси во две средни училишта „Свети Наум Охридски“ и „Искра“ – Штип, кои се објавуваат за првпат за средни училишта, бидејќи досега за средни училишта немаше. Конкурсот се објавува по втор пат бидејќи не се пријавија доволен број на асистенти. Има многу невработени луѓе, но образовните асистенти треба да исполнат одредени услови. Има слободни места, така што повикувам да се пријават на конкурсите. Секако и оние кои се пријавиле во основните училишта, а не биле влезени во потесниот избор сега имаат шанса да се пријават за во средните училишта, рече Јаневска.