
Во пресрет на големиот христијански празник Успение на Света Ана, вработените од Националниот парк „Пелистер“ во соработка со локалното население од село Маловишта ја уредија втората пешачка патека што води до истоимениот манастир. Целта на активноста е да се овозможи полесен и побезбеден пристап за илјадниците верници, планинари и љубители на природата кои на 6 и 7 август традиционално го посетуваат ова свето место, пренесува „Шеталиште.мк“.
Манастирот Света Ана се наоѓа на надморска височина од 1.400 метри, а патеката до него минува низ густа букова шума, нудејќи едно автентично духовно и природно доживување. Селото Маловишта, како единствено населено место во рамките на Националниот парк „Пелистер“, се истакнува со својата уникатна архитектура, калдрмисани улици и традиционални камени куќи, претставувајќи жив симбол на влашкиот културен идентитет во регионот.
Како знак на благодарност за поддршката, претставниците од Националниот парк „Пелистер“ беа поканети во домот на семејството Палигора, каде што имаа ретка можност да ја вкусат традиционалната Pitá di burbunacá или зелник со киселец.
Од Националниот парк „Пелистер“ најавуваат дека ова е само почеток на една подлабока и посеопфатна соработка со село Маловишта, која ќе биде насочена кон развој на еко-активниот туризам, зачувување на културното наследство и промоција на уникатната традиција на ова село како дел од богатството на Националниот парк.