По застојот со јавната набавка за внатрешните инсталации, а тоа се механика, електрика, машинство и водовод и канализација, уште од април, градежните зафати и уредувањето на ентериерот на новата зграда на Турскиот театар во Скопје, може да продолжат, рече денес, министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, на прес-конфереција во Скопје, одговарајќи на новинарско прашање. Деновиве ќе им биде префрлен авансот од 70-80 милиони денари, дообјасни тој. Веќе се готови фасадата и кровот на новиот објект, лоциран во населбата Пролет близу Железничката станица.
Објектот е проект на Министерството за култура и институцијата Турски театар, кој се јавува како инвеститор. Автор на идејното решение е архитектот Виктор Михајлов, кој е автор и на објектот на Филхармонијата.
Турскиот театар е замислен да биде современ технолошки објект кој ќе располага со две сцени со вкупен капацитет од над 450 гледачи. Малата сцена ќе биде со површина од 180 м2 и максимален капацитет до 150 посетители, а големата сцена во објектот ќе располага со гледалиште со капацитет од 329 седишта. Покрај основната фунцкија на објектот, планирано е во негови рамки да има и изложбена галерија, културно-информативен центар и мултимедијална сала.
Изградбата на карабината почна на 23 јуни 2014, а беше завршена и примопредадена на 15 јуни 2017. Театарот почна да се гради како еден од капиталните проекти на тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ со премиерот Никола Груевски и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.
Скопскиот Турски театар е единствениот театар на Балканот кој опстојува 74 години како национална установа поддржана од Министерството за култура, кој претставите ги игра на турски јазик надвор од границите на Турција. Откако почна да се гради новиот објект, Турски театар ги користи просториите и сцената на Театар Комедија.
Претходно, Турскиот театар со децении функционираше заедно со Албанскиот театар во некогашниот Театар на народностите на Битпазар. Поранешниот заеднички објект му е предаден на Албанскиот театар и беше реконструиран од темел.
Актуелна директорка на Турскиот театар е Ајлин Емин-Скоро.